Интервју со Јадранка Косор: Кога ви е тешко, сетете се на патот на Хрватска до ЕУ


Јадранка Косор беше премиерка на Хрватска во периодот 2009 – 2011 година, кога по оставката на контроверзниот Иво Санадер го наследи кормилото на ХДЗ. Додека беше на чело на владата во Загреб, беше постигнат договорот за надминување на граничниот спор со Словенија, што значеше деблокада на преговорите на Хрватска со ЕУ, а потоа и нивно завршување. Повеќе од половина деценија Косор не е активно вклучена во хрватската политика, ама од неодамна се активираше во Подгоричкиот клуб, како тинк-тенк во кој членуваат поранешни шефови на држави и влади од регионот на Западен Балкан. По тој повод, Косор беше деновиве во Скопје, од каде што Подгоричкиот клуб испрати порака дека одлуката за датумот за преговори со нашата земја ќе биде тест и за кредибилитетот на ЕУ.

Со што се занимавате сега, со оглед на тоа што веќе неколку години не сте активно вклучени во политиката?
– Меѓу другото, пишувам книга токму за периодот кога дојдов на чело на владата во Хрватска, за периодот на деблокада и завршувањето на преговорите со ЕУ. Често патувам низ светот. Гледате дека за неполн месец сум вторпат во Македонија – сега Северна Македонија. Всушност, не сум го фрлила копјето во трња што се однесува до политиката. Ќе видиме, можеби ќе имам уште некој ангажман во иднина.
Значи размислувате за враќање во политиката?
– Да, размислувам, затоа што има повеќе луѓе кои ме убедуваат на различни ангажмани. А политиката е таква работа, кога еднаш ќе се инфицирате, кога еднаш ќе се заразите, тогаш е многу тешко да се излечите од тоа.
Бевте во Скопје и за време на посетата на папата Франциск?
– Да. Бев за друга работа, ама останав затоа што доаѓаше светиот отец. Благодарна сум му на премиерот Зоран Заев што ми обезбеди простор во првиот ред за да можам да ја следам мисата. Тоа многу ми значеше.
Што значи таа посета на папата за Северна Македонија?
– Јас мислам дека значи многу. Светиот отец е еден од светските авторитети. Личност која настојува да гради мостови и да спојува, која постојано зборува за љубов и разбирање меѓу луѓето и народите, зборува многу јасно и прецизно дека сме сите еднакви. Затоа мислам дека, независно од малата бројка на католици што живеат во Северна Македонија и во Бугарија, неговата желба да дојде е големо охрабрување за вашата земја, поточно за оние што денеска ја водат државата на европскиот пат. Јас тоа така го доживувам. Затоа што папата е и државник, и градител на мир и на мостови. И тоа е големо охрабрување за сите вас.
Во вашиот мандат како премиерка Хрватска ги заврши преговорите со ЕУ?
– Во мојот мандат прво беа деблокирани преговорите со ЕУ затоа што кога јас дојдов на чело на владата преговорите беа блокирани. Словенија ги блокираше хрватските пристапни преговори. Потоа и ги завршив преговорите. Повеќето поглавја беа отворени и затворени откако јас станав премиерка. Кога јас дојдов на чело на владата, од 35 поглавја што ги имаше Хрватска, само пет беа отворени. Така, јас завршив огромен дел од таа голема работа, при што најтешки сегменти беа оние каде што ЕУ имаше најголеми очекувања од нас – борбата против корупцијата и криминалот и зајакнувањето на правната држава, владеењето на правото.
И потоа ги изгубивте изборите?
– Да. Мојата партија ХДЗ, која јас ја водев, ги изгуби изборите затоа што во екот на таа борба против корупцијата беше обвинет и поранешниот претседател на владата и поранешен претседател на ХДЗ – господинот Иво Санадер. Меѓутоа, и тоа судење, за жал, и на партијата и на него сè уште трае. Во такви услови, нормално е дека партијата не можеше да ги добие изборите. Но, и покрај сето тоа, остваривме солиден резултат. Сепак, губењето на изборите беше доволна причина за еден дел од моите поранешни колеги од партијата во тој момент да одлучат дека морам да заминам од местото претседателка, а потоа со доаѓањето на новиот претседател Томислав Крамарко ме исфрлија од ХДЗ.
Го решивте спорот со Словенија, ги деблокиравте и ги завршивте преговорите, а на крајот ги изгубивте и власта и партијата. Дали е тоа некакво „проклетство“ со кое треба да се соочи една реформска влада?
– Не, не е тоа. Мислам дека се работеше за моја поединечна судбина. Мене лично како политичарка таа силна и навистина искрена борба против корупцијата ми се врати како бумеранг и политички ми ја отсече главата. Но јас и сега мислам како тогаш – дека борбата против корупцијата е посебно важна за зајакнување на човековите права.
Борбата против корупцијата е борба за „малиот“ човек, за економија и стопанство. Не можете да очекувате поголеми странски инвестиции ако постои перцепција дека во вашата земја цвета корупција. Јас мислев дека тоа е најдоброто што можам да го направам за мојата држава, а тоа го мислам и денес. Затоа мислам дека се работеше за моја поединечна политичка судбина, при што во еден дел помогна и фактот дека сум жена.
Можеби не може да се повлече целосно паралела, ама сегашната македонска влада го реши речиси тридеценискиот спор со Грција, со што овозможи и деблокада на процесот на евроатлантска интеграција на земјата. Што мислите, како тоа ќе се одрази на владата на Заев?
Јас на некој начин го споредувам тоа што тој го прави со она што јас го правев. Кога дојдов на чело на владата, од Европската комисија ми рекоа: „Ако го решите спорот со Словенија и ако Словенија ви ги деблокира преговорите, вие ќе продолжите да преговарате, ако не, нема“. И никој во ЕУ или во ЕК не беше заинтересиран да се занимава со Хрватска. Словенија беше членка на ЕУ. Иста е ситуацијата и сега. Грција ја блокираше Македонија околу прашањето за името. И се успеа со многу работа и со многу трпеливост да се реши тоа прашање со ново име за Македонија и јас мислам дека тоа е огромно постигнување. Сметам дека и господинот Заев и неговиот колега од грчка страна покажаа голема храброст, како што покажав и јас тогаш, во соработка со господинот Борут Пахор. Мислам дека храброста е најважна во политиката. Само храбри луѓе може да носат одлуки што на крајот не знаат како ќе завршат и како ќе се одразат на нивниот политички живот. Затоа сум денеска тука. Сметам дека треба да се охрабрат вашата влада и премиер да продолжат по тој пат. А, со оглед на тоа што доаѓам од Хрватска, очекувам и хрватските власти јасно и недвосмислено да ѝ укажат на ЕК и на ЕУ дека Северна Македонија направи големи исчекори и дека заслужува секаков вид поддршка.


Едно време Хрватска и Македонија беа во ист пакет на патот кон ЕУ, а паралелно и за НАТО, како членки на Јадранската група. Сега ние имаме еден празен од од некои десетина години на патот кон Брисел. Мислите ли дека нашата земја ќе може лесно да го надомести тоа изгубено време?
Сè се може. И ние имавме такви ситуации. Хрватска последна влезе во ЕУ и од сите членки досега најдолго време преговараше. Кога ви е тешко, сетете се каков беше хрватскиот пат до ЕУ. Да, вие нешто подолго чекате ама јас мислам дека сега е вистинскиот момент. Треба сè да се направи. Јас му кажав и на премиерот Заев. На вас ви е во интерес членството во ЕУ. Вие морате постојано да туркате и да барате сојузници. Треба да барате што повеќе сојузници во ЕУ кои, во оваа сложена ситуација, убаво ќе објаснат дека на Северна Македонија ѝ е потребна награда за големиот труд и донесувањето тешки одлуки. Тоа е важно за на граѓаните и граѓанките полесно да им се објасни колку е тоа важно за државата. Мислам дека е многу важно да се биде во ЕУ – заради мирот и стабилноста, но и заради просперитетот.
Ако дел од земјите од овој регион останат без јасна европска перспектива, како тоа ќе се одрази на регионалната стабилност?
– Тоа е тешко да се предвиди. Лидерите кои ги прават тие храбри чекори кои можеби не се дочекани најдобро од сите, со текот на времето можат да ја изгубат потпората . Тоа не е добро. Сите прогресивни сили треба да работат да се оствари тој европски пат. Зборувам од позиција на земја која долго преговараше и на крајот стана членка на ЕУ. И кај нас јасно се гледаат резултатите од членството. Тоа го чувствуваме секој ден. Нашиот БДП расте исклучиво благодарение на тоа што сме во ЕУ. Се отвори огромен пазар од 500 милиони луѓе за нашата економија. Од фондовите повлекуваме средства за кои порано можевме само да сонуваме. Се реализираат илјадници помали или поголеми проекти – од изградба на школи, градинки до инфраструктура. Она што е најважно, членството во ЕУ секогаш обезбедува барем минимум на владеење на правото што е нужно за демократијата. Сите земји кои влегоа во ЕУ, тоа го покажуваат и статистиките, имаат раст на економијата и враќање на оптимизмот.
Ама процесот на иселување е сè уште присутен и во Хрватска, и покрај влезот во ЕУ?
Да, ама тоа кај нас е последица на фактот дека сме членка на ЕУ. Еден дел од луѓето, околу 330 илјади луѓе во последните три години, заминаа токму поради тоа што сега многу полесно се вработуваат во старите земји членки на ЕУ. Тоа е проблем, но од друга страна добро е дека им се отвори нова перспектива на младите и образовани луѓе, од кои дел сигурно ќе се вратат во Хрватска.
А како сега би ги оцениле односите меѓу Хрватска и Словенија?
Односите беа во голем подем откако господинот Пахор и јас ја потпишавме арбитражната спогодба со која го решивме прашањето со границата. Меѓутоа, потоа на тој арбитражен суд се случи еден екцес. Словенија се обидуваше да го контаминира тој процес и се обидуваше да влијае на судиите. Затоа Хрватска излезе од него и затоа тие пресуди на судот веќе не важат. Сепак, сè зависи од храброста на политичарите. Моментно, тоа го нема ниту во Хрватска ниту во Словенија. Меѓутоа, и Хрватска и Словенија се членки на ЕУ и во таа смисла ситуацијата сега е многу поинаква и поедноставна.
Александра М. Митевска

ФОТО: Борис Грданоски