Интервју со Христо Кондовски: Битола ја замислувам како велеград
Од овој град со неверојатни природни предиспозиции, мора да направиме место кое граѓаните нема да сакаат да го напуштат. Битола ќе ја засакаме уште повеќе, вели во интервју за „Независен“, кандидатот за градоначалник од СДСМ, Христо Кондовски
Анета Блажевска
БИТОЛА – Вредната конзулска историја на Битола треба да биде спакувана во убава сегашност и светла иднина, но и како важна туристичка дестинација, вели во интервју за „Независен“ кандидатот за градоначалник од СДСМ, Христо Кондовски. Битола има стотици куѓи кои се архитектонски бисери. Кондовски планира да го запре нивното пропаѓање и да го обнови, како што вели, ова „културно наследство во бавно исчезнување“. Според него, покрај сообраќајните и инфраструктурните проблеми на Битола како еден од најважните е заминувањето на младите.
Реченицата „Битола град на конзулите“ одамна стана флоскула. Иако и денес има конзули во Битола тоа повеќе се однесува на времето од пред 120 години. Дали стигна и помина времето повеќе да се мисли на иднината на градот отколку за приказните, па и митовите, од минатото.
Вредноста на битолската историја е немерлива. Општо и надалеку е познато дека Битола е град на конзулите, пајтоните, клавирите, Хераклеја Линкестис и многу други културно-историски знаменитости. Минатото е наше вредно богатство кое треба да го негуваме и соодветно да го промовираме и тоа е дел од нашата стратегија за развој на туризмот во Битола. Но, енергијата и на тој план мораме да ја насочиме кон валоризација на тоа прашање во сегашноста и иднина.
Односно, нашата вредна историја треба да биде спакувана во убава сегашност и светла иднина, а во таа иднина Битола ја гледам како развиена и перспективна општина во која луѓето сакаат да живеат, работат и создаваат, да основаат семејство и токму тука спокојно да стареат. Град полн со живот, чист и раздвижен, економски развиен, урбанистички современ, инфраструктурно обновен.
Битола како атрактивна туристичка дестинација, град кој пулсира во духот на културата и забавата, а спортот и рекреацијата се секому на дофат. Град со спортски клубови кои ќе бидат нашите амбасадори на европските терени.
На некој начин би можело да се каже дека Битола е „најградскиот град“ во Македонија. Во неа стотици и стотици и стотици куќи кои се архитектонски бисери. Доколку тие се обноват, барем однадвор, Битола може да биде и поинакво „огледало на Македонија“ и туристички магнет. Дали размислувате дека општината во соработка со државните власти би можела да изготви план со кој ќе им помогне на сопствениците за обнова на овие куќи?
Тоа е одлична идеја. Се сеќавам на периодот после 2000 година кога најубавите староградски куќи лоцирани на Широк Сокак организирано се реновираа враќајќи го убавиот битолски сјај. Но, тој проект веројатно беше предвиден само за тоа подрачје, додека стотици прекрасни, но за жал руинирани зданија, сѐ уште се препуштени на забот на времето.
Тоа моментално претставува културно наследство во бавно исчезнување кое мора да запре. Затоа, прифаќајќи ја оваа ваша идеја се обврзувам уште на почеток од мојот мандат, темелно да ја разработам заедно со мојот тим и упатените општински архитекти. За таа цел ќе ги искористиме и европски фондови наменети за зачувување на културното историско наследство во кое секако спаѓа и обновата на битолската архитектонска вредност наследена уште од минатиот век. На тој начин ќе успееме го заштитиме автентичниот староградски изглед на Битола со обновени архитектонски бисери, како што велите.
Во програмите за изборите главно се зборува за инфраструктурни и зелени проекти. Но треба да се мисли и на неколку чекори понапред. Каква е вашата визија за Битола во 2035 година. Како би требало да се развива градот?
Битола ја замислувам како велеград, чист, раздвижен и полн со живот, економски развиен, урбанистички перспективен, инфраструктурно комплетно решен, град во кој спортот и рекреацијата ќе бидат достапни за секого, а професионалните клубови ќе бидат национална гордост. Град во кој културните манифестации се секојдневие.
Битола и досега ги имала сите предиспозиции за да го носи тој епитет „велеград“, но очигледно во изминатите децении се немало доволно волја, знаење и храброст за крупни одлуки! Јас го имам тоа и ве уверувам дека сѐ што е во моја моќ за овој град ќе биде направено на задоволство на граѓаните.
Од овој град, со неверојатни природни предиспозиции, мора да направиме место кое граѓаните нема да сакаат да го напуштат. Битола ќе ја засакаме уште повеќе. Туристички град во кој туристите ќе бидат поттикнати и мотивирани да доаѓаат и да се навраќаат, затоа што има што да се види, да се научи и да се вкуси и искуси.
Битола со модерни сообраќајни решенија, велосипедски патеки, пешачки зони, паркови и зеленило, со еден збор кажано град по мерка на човекот.
Битола, општина сериозен партнер на малите и средни фирми кои се резервоар за вработувања, ефикасна јавна администрација, модерни решенија за осветлувањето низ цела општинска површина, современи градските постојки, урбани детски катчиња, обнова на мостовите и парковите, акцент на хигиената, градските клупи и чешми.
Битола да биде место во кое отпадот наместо проблем ќе претставува ресурс, а справувањето со истиот вистински предизвик. Општина каде основното и средното образование ќе работат со развојни проекти. Град во кој спортистите и спортските објекти го имаат заслуженото внимание и ресурси, а туризмот значаен поттик.
Многу улици во центарот на Битола се наменети само за автомобилите. На некои места нема ни тротоари. Урбанистички секако може да има план како да се реши овој проблем. Размислувате ли во таа насока?
Добро сте забележале. Сообраќајните потреби во нашиот град се навистина големи. Битола е втора по ред општина во државата по број на регистрирани возила, а сообраќајниот режим, пешачките патеки, велосипедските патеки се на незадоволително ниво. Мојата изборна програма е богата со модерни сообраќајни решенија и основни проекти по принципот на европските градови, а согласно сообраќајните студии за Битола, чија фазна реализација ќе даде еден нов лик, квалитетен јавен простор и подобрување на безбедноста и мобилноста за сите учесници во сообраќајот, а посебно воспоставување и промена на режим на сообраќај со сегрегација на површини и еднонасочен сообраќај. Идејата е да се адаптира и ревитализира градот на одржлив начин, а не да се конзервира и тоа.
Голем дел од веќе запушените улици, кои во голема мера се блокирани со паркирани возила, ќе бидат пренаменети во еднонасочни, а остатокот од просторот ќе биде искористен за пешачки и вело патеки.
Од што живее сега Битола? И од што би требала да живее и да се развива во иднина за да може да стане повеќе од одржлива?
Битола моментално живее од РЕК „Битола“, повеќе производствени капацитети во различни сектори, стабилниот принос од градежниот сектор кој со себе влече уште 20 други гранки, и секако претприемништвото и туризмот, чии потенцијали не се воопшто искористени и ставени во функција.
Науката вели дека проблемот со невработеноста не лежи во недостигот на работни места, туку во неоткриените претприемачи кои се меѓу нас. Претприемништвото кое во својата срж ги опфаќа иновативноста, проактивноста и преземањето ризик е можеби една од најважните општествени категории, лек за невработеноста и сиромаштијата, лек за економската стагнација и бесперспективноста. Токму од тука и зачна идејата за бизнис инкубаторот во склоп на технолошкиот парк.
Во поглед на туризмот, тврдам дека руралниот туризам, особено на Потпелистерието, ќе биди нашиот најголем општински извоз за што ќе посветам посебно внимание, но и за чија поддршка ќе се формира туристички инфо-центар на Битола, кој ќе има за цел да го промовира туризмот, капацитетите и убавините на град Битола.
Центарот ќе има за задача и да ја интензивира соработката со туристичките работници, националниот парк, локалната и централната власт во насока на побрз развој на туризмот во општината, со ставање на акцент на развој на туризмот во потпелистерските села и учество во изработка на проект за летен рекреативен центар.
Коритото и кејот на Драгор генерално е направен уште од турско време. Може ли овој простор да се направи во своевидно шеталиште за битолчани со паметно решавање на сообраќајот?
Реката Драгор која претставува обележје на нашиот град ќе има свој третман. Ќе ја приближиме кон граѓаните со интерполација на пешачки и вело површини и уредување на нејзиното корито.
За искористувањето на просторот вдолж течението на Драгорот ќе биде распишан јавен конкурс за изработка и избор на најквалитетно архитектонско и инфраструктурно решение за што ќе има значаен поттик. Најдоброто избрано решение ќе биде основа за разубавување, облагодорување и ставање во поголема функција на овој прекрасен простор крај нашата градска река.
Кој е најголемиот проблем сега во Битола и како мислите да го решите?
Покрај сообраќајните и инфраструктурните проблеми кои ги споменавме погоре како важен и повеќеслоен би го спомнал заминувањето на младите. Тоа мора да го намалиме и сопреме, посветувајќи многу поголемо внимание кон нив самите, но и кон сите услови кои директно ги засегаат.
Затоа за оваа категорија сограѓани издвојуваме повеќе мерки и проекти. Имено станува збор за центарот за работа со млади и талентирани ученици преку кој ќе се препознаваат, насочуваат и развиваат нивните таленти главно преку квалитетни едукативни работилници.
Технолошкиот парк и бизнис инкубатор ќе овозможат младите да ги реализираат своите бизнис идеи преку финансиска, кадровска и административна поддршка.
Ски центарот „Ниже Поле“ ќе добие современа опрема за заснежување и правење на вештачки снег, а ќе се заменат и трите ски лифтови со нови.
Мултифункционален спортски центар во кој се предвидени фудбалско, кошаркарско и тениско игралиште, затворен базен и аква-парк како и многу други мерки и можности.
Но овој проблем е национален и со моето влијание се надевам дека ќе успеам да поттикнам централни решенија кои ќе ја постигнат целта.
Другиот главен проблем, според мене, е загадувањето на воздухот, а за што имаме предвидено реализација на повеќе чекори и проекти. Битола ќе ја направиме зелен град преку просторно планирање, развивање и управување со зелените површини на Тумбе Кафе, како значен дел од естетскиот, историскиот и културниот идентитет на Битола.
Зелените површини ќе ги зголемиме за 30 проценти, ќе се изградат многу нови детски паркови во градот, ќе следуваат субвенции за енергетски ефикасни фасади, велосипеди, плински уреди за возила, како и за набавка на хибридни или електрични возила.
Кон ова се приклучува и изведбата на проектот за гасификација и нејзината дистрибутивна мрежа отворајќи го патот кон овој евтин и чист енергенс за индустриските објекти, како и поддршка во изведбата на топлификација чија реализација е започната од ЕСМ, а со која ќе бидат опфатени 35 јавни објекти, како прв голем чекор кон заштита на локалната животна средина од аерозагадувањето.