Интервју со актерот Војин Ќетковиќ : Имав можност да играм значајни улоги кај Унковски и Поповски


Српскиот актер Војин Ќетковиќ (47) веќе дваесетина години е на филмската и театарска сцена на просторите на бивша Југославија, но најмногу ангажмани има во Србија. Го паметиме како Брандо во „Семејно богатство“ (Породично благо), како Мане во „Зона Замфирова“, како д-р Михајло Андреевиќ во „Монтевидео, Бог те видео“… Ќетковиќ првите актерски подвизи ги направил во театарот во неговиот роден град Крушевац. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности и станал член на Југословенско драмско позориште. Повеќепати е наградуван за улогите остварени во театар и на филм. Сега живее и работи во Белград, а од 2008 година е во брак со актерката Слобода Миќаловиќ.

Ќетковиќ е добро познат и во Македонија, тој вели дека уште за време на студиите имал можност да игра во претстава во режија на Слободан Унковски, а играл и во претстави на Александар Поповски. На 10 мај, во Македонскиот народен театар, домашната публика ќе има можност уште еднаш да го погледне на театарска сцена со претставата „Ноќ на боговите“. Билетите може да се набават на билетарницата на МНТ по цена од 600 денари.

Во „Ноќ на боговите“ Војин Ќетковиќ игра заедно со колегите Дејан Луткиќ и Небојша Илиќ. Текстот е на Миро Гавран, а во режија на Марко Манојловиќ. Публиката ќе има можност да погледне драма напишана во втората половина на 20 век во која не постои јасна жанровска определба.

Ако е потребно да се измисли жанровска кованица за оваа претстава, тоа звучи како трагикомедија со елементи на фарса во рамки на политички театар. Или, како што обично велат актерите, животна претстава.

Динамичната драма на Гавран за љубовта, пријателството и владеењето, полна со неочекувани пресврти, кои на театарската публика ѝ го задржуваат здивот, во изминатите 25 години имаше дури 19 театарски премиери ширум светот, од Сараево, Марибор, Подгорица и Мостар, до Вашингтон, Мелбурн, Софија, Прага…

Една ноќ, на десетгодишнината од пријателството, кралот Луј IX (Ќетковиќ), дворскиот шут (Луткиќ) и писателот Молиер (Илиќ), заедно се опиваат, евоцирајќи спомени за изминатите години. На сред веселба, кралот им открива дека е свесен за играта во која го исмејуваат, па ги присилува своите пријатели таа фарса да ја одиграат само за него.

По повод гостувањето во МНТ, „Независен весник“ направи краток разговор со Ќетковиќ.

Претставата „Ноќ на боговите“ претставува политичка драма и трагикомедија. Нешто што го живееме и во секојдневието на Балканов. Колку овој текст и претстава се слика на нашата реалност?

– Претставата „Ноќ на боговите“ има вешто напишан драмски текст со кој авторот го поставува прашањето: Дали е можно пријателство помеѓу некој што е на власт и уметникот? Драмскиот автор пишува и за местото на уметникот во општеството и, иако текстот е пишуван во времето кога владееше социјализмот, како секој добар текст се однесува на секое време и на секоја власт.

Текстот е пишуван во време на Југославија, но наместо актуелните политички елити од тоа време, ликовите се заменети со имиња на историски личности. Ова укажува на тоа дека не било лесно да се критикува власт ниту преку уметничко дело. Каква е ситуацијата сега?

– На своите јунаци авторот намерно им дава имиња на историски личности со цел да ги избегне буквалните споредби со актуелните состојби во системот во кој живеел.

Публиката кај нас ве познава преку многубројните улоги во српските филмови како „Монтевидео“, „Зона Замфирова“…, исто така и преку многуте српските ТВ – серии. Но на Македонците ретко им се пружила шанса да ве гледаат на театарска сцена. Која е Вашата најкомфорна зона во професионалното остварување?

– Мислам дека глумец се станува и на театарска сцена и на филм и на телевизија, и дека е најдобро кога актерот носи квалитет за сите тие медиуми. Во мојата кариера имав среќа подеднакво да бидам застапен во сите три медиуми. Моите први настапи на македонските сцени се случија уште за време на студиите, а имав среќа да играм значајни улоги и во претстави кои ги режираа Слободан Унковски и Александар Поповски. Досега сум играл на театарските сцени во Скопје, Битола и Охрид, а повеќепати сум снимал филмови со најдобрите македонски актери. Роден сум во СФРЈ и тој простор и луѓето сè уште ги сметам за блиски.

Интересно е што имате навистина блиски релации со вашите колеги актери од Србија. Актерот Никола Ѓуричко е ваш кум, а вие сте му кум на прерано починатиот актер Небојша Глоговац. И со двајцата сте играле во филмови. Но, може ли да ни откриете како се случија овие кумства и какви сè беа вашите приватни дружења?

– Што се однесува до моите најблиски пријатели, секако тоа се оние со кои сум поминал најмногу време и затоа најзастапени се глумците и луѓето со кои долго време сум работел и на филм и во театар.

Ивана Настеска