Интервју со Александар Тортевски: Сметаме на тие што не сакаат партизирана држава


Слободанка Јовановска

Кога ќе формирате или ќе се приклучите на партија, веднаш станувате мета на организирана плукачка машинерија, дури и од тие што до вчера ви аплаудирале, вели Александар Тортевски од Твоја партија, која за првпат ќе учествува на избори во Македонија. Според него, малите партии се нееднакви во трката, бидејќи добиваат само 30.000 евра, а големите милион евра за тековно работење и 900.000 евра за кампања, што се пресликува и на начинот на кој ги третираат медиумите – како „прва“ и „четврта лига“. Големите ветувања во кампањата по правило се големи лаги, затоа ние нудиме приземни работи, како намалување на привилегиите на функционерите, поевтина држава со дигитализација и кратење на буџетската потрошувачка и вработување според стручност, а не партија, вели Тортевски. За него голема глупост е идејата за Албанец премиер, бидејќи ни треба стручен и чесен политичар без оглед на националноста.

 

Јавноста ве знае како адвокат, но и колумнист и аналитичар на политичките состојби во државата. Како изгледа сега да сте на другата страна, кај што се прави политиката?

Многу понепријатна и потешка ситуација. Додека не сте член на партија противниците имаат можност еден аргумент помалку да ви залепат. Воопшто не е битно дека ги застапувате истите принципи и ставови за кои се борите цел живот. Кога ќе формирате или ќе се приклучите кон некоја партија веднаш почнуваат пресметки на кого од големите тоа ќе му помага или одмага и, во зависност од нивната проценка, веднаш станувате непријател на една огромна плукачка машинерија. „Големите“ имаат цели партиски машинерии од огромен број ботови, а и луѓе на платен список кои веднаш оркестрирано започнуваат со напади, притоа заборавајќи дека до вчера постојано ви аплаудирале.

 

Идејата за Албанец премиер е глупост. Ни треба вистински премиер, стручњак, чесен човек кој ќе реши да спроведе сериозни реформи, вели Торетвски

Со години многу од помалите политички партии се стопија целосно во големите коалиции и речиси како да не постојат. Што ви дава надеж дека со вас нема да биде така и на чии гласови сметате на овие избори?

Се обидуваме да ја привлечеме онаа група граѓани која е незадоволна од фактот што две партии постојано се менуваат на власт само затоа што претходните биле толку лоши што граѓаните на избори излегуваат само со желба да ги казнат тие што се на власт. Се обидуваме да најдеме приврзаници да ја ослободиме државата. Всушност, Прибе деновиве повтори дека не е добро една заробена држава да биде заменета со друга исто заробена, но од друга структура. Сакаме да ги придобиеме луѓето кои не сакаат партиите да им го креираат целиот живот, особено не вработувањето. Едноставно ги бараме слободоумните луѓе кои не сакаат партизирана држава.

 

Се чувствувате ли рамноправен во трката? Како ја водите кампањата и со колкав фонд на средства располагате од тие што ги обезбедува државата?

Законот кој што го скроиле „големите“ им овозможува тие да добијат околу 900.000 евра, а ние 30.000. Да бидеме на чисто, ние сме против ваквиот начин на трошење на буџетски пари. Би биле многу посреќни сите партии да се финансираат исклучиво од чланарина што повторно големите ќе ги доведе до многу поповолна положба, но тоа би било нормално. Имаат многу повеќе членови и со тоа би имале и финансиска моќ. Вака сме нееднакви по три основи.

Прво, големите добиваат по повеќе од милион евра годишно за тековно финансирање, како и по 900.000 евра за изборна промоција. Едноставно, седнале и се договориле колку им треба и толку си определиле во законот. Ние сме против ваквиот начин на финансирање. Сепак, тоа што најмногу нѐ погаѓа е фактот што медиумите, веројатно под влијание на овие средства, при изборните соочувања не дискриминираат со тоа што прават „прва и четврта лига“. Во дебатите упорно ги повикуваат претставниците на „големите“ да дебатираат помеѓу себе, а ние сме осудени да дебатираме со партии кои не се причина за нашето формирање и не ја креирале општествената реалност заради која што одлучивме да ја формираме Твоја партија. Да не бидам разбран погрешно, ние не сме против дебата со кој било, но бараме шанса да дебатираме со виновниците кои 30 години ја уназадуваат државата.

 

Што ново ќе понудите како партија, а што веќе не го слушнале граѓаните во Македонија и зошто би поверувале дека имате капацитет да го остварите?

Нудиме комплетно нов концепт на водење на партијата, но ова е важно затоа што детектиравме дека начинот на организирање на партиите подоцна кога ќе дојдат на власт, во целост се пресликува со раководењето со државата. Партиите се султански, имаат лидер, па 50 празни места и кога ќе дојдат на власт ние немаме ниту парламентарен, ниту претседателски систем. Ние имаме целосен премиерски систем. За сѐ се прашува само премиерот. Токму заради ова ние одлучивме партијата да ја организираме на сосема поинаков принцип. Ние сме сите еднакви, а авторитетот во партијата се гради врз основа на знаење во конкретна област. Јас сум само претседавач затоа што законот го бара тоа, но со мандат од две години без право на реизбор. Ние сме организирани по групи, по области и тука луѓето влегуваат по афинитет. Сепак, најчесто сите видни и активни членови ги носат одлуките заедно.

 

Деновиве сведоци сме речиси на надавање на големите партии кој ќе понуди поголеми пензии, плати, субвенции, инвестиции, се вртат големи бројки и со секои избори уште поголеми ветувања. Вие нудите кратење на функционерски привилегии, поголема отчетност, проверка на имотната состојба на актуелните функционери… Што е причината за ваквиот различен пристап?

Големите ветувања по правило значат големи лаги и поголемо разочарување. Ние одиме со приземни работи. Намалување на функционерските привилегии, а зголемена одговорност, по принцип што повисока функција, толку поголема одговорност. Бараме поевтинување на државата со дигитализација и кратење на буџетската потрошувачка. Реформи на правосудниот систем и вработување исклучиво по стручност, а не по партиска припадност….

 

Сите зборуваат за разочараност на граѓаните од  двете најголеми партии во државата, а ретко кој дава поддршка на некоја од  малите партии? Зошто на Македонија не може да ѝ се случи Сириза или Подемос?

Тоа е веројатно резултат на огромната партизираност на државата и клиентелизмот кој со децении се поттикнува. Речиси и да нема човек кој не се плаши за некој свој, неговото работно место или бизнис. Малку се оние кои се доволно храбри за да се одважат да влезат во нешто ново. Има и една, би рекол организирана кампања која го наметнува она – „сите се исти“, а целта е да се обесхрабрат луѓето и да излезат на избори.

 

Верувате ли во професионалноста на ДИК и што очекувате како резултат од изборите, иако не е благодарно да се прогнозира при вакви тесни анкети?

Мислам дека ДИК нема многу можности да влијае на волјата на граѓаните и покрај тоа што се делегирани од партии. Не гледам некој проблем од таму.

 

Како ја коментирате идејата на Али Ахмети за Албанец премиер и зошто, покрај толку битни прашања, таа стана хит тема околу изборите?

Глупост, ни треба вистински премиер, стручњак, чесен човек кој ќе реши да спроведе сериозни реформи. Ако најдеме таков, воопшто не е битно што е по националност.

 

Како адвокат, како гледате на фактот дека осомничени, обвинети и судени  лица се тркаат за пратеничка функција?

Тоа само покажува дека тие партии и понатаму се заложници на сериозни криминални структури.

 

Со оглед на тоа како почна кампањата, очекувате ли таа да биде фер или ќе доминира црната пропаганда? Може ли да се стави во графата „демократија“ овој вокабулар „лаже, краде“ што го слушаме од партиите  секој ден?

Кампањата е исклучително црна и вулгарна и тоа само покажува колкав е влогот на „големите“. Нивната егзистенција, опстанок и дури и слобода зависат од исходот на изборите. Тоа воопшто не е добро. Изборите се претвораат во гладијаторска борба во која победникот добива сѐ, а поразениот губи сѐ.