Интернационален литературен фестивал „Про-За Балкан“ во Скопје
Во Даут-пашин амам денеска, под мотото „Синергија: литература, филм, музика“, ќе биде отворен Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“, што ќе трае до 21 мај. Новитет е воведување на нови програмски содржини на фестивалот со спој на проза, музика и филм во синергија.
Од тимот на „Про-За Балкан“ наведоа дека лауреатот на наградата „Прозарт“ за авторски придонес на литературата на Балканот и еден од водечките современи бугарски писатели, Алек Попов, ќе биде во друштво на ланскиот лауреат – српската легенда Светислав Басара. На седмото издание ним ќе им се придружат: познатиот српски колумнист, новинар и писател Теофил Панчиќ, словенечката писателка и книжевна преведувачка од англиски и од француски јазик, Једрт Лапух Малежич, турскиот бестселер романсиер, есеист и сценарист Тарик Туфан, независниот хрватски писател Ивица Пртењача, специјалниот гостин Ерџан Кесал, сценарист на антологискиот победник на Кан од 2011, „Беше еднаш во Анадолија“, како и нам добро познатата писателка, филмска критичарка и есеистка Јагода Михајловска-Георгиева.
Со нив ќе разговараат македонските писатели Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.
На вториот фестивалски ден, на 20 мај во Турскиот културен центар „Јунус Емре“ ќе се одржи отворена дискусија „Ерџан Кесал во Скопје!“, што ќе ја модерираат Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.
Подоцна, во ЕУ-инфо центарот ќе се одржи тркалезна маса „Литература, страв, политика“ на која ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје фелоушип“ програмата.
Традиционално, фестивалот организира средба на членовите на оваа програма со претставници на Македонска асоцијација на издавачите и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.
Фестивалот ќе биде затворен на 21 мај во Даут-пашиниот амам, кога писателите ќе читаат извадоци од своите дела.
На затворањето ќе се обратат лауреатите Алек Попов и Светислав Басара. Гоце Јованоски („Фолтин“) и Андреа Мирческа ќе изведат експериментална звучна импресија од филмот „Мисија Лондон“ според романот на Алек Попов.
Во чест на лауреатот, на 22 мај во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот „Мисија Лондон“, во кој копродуцент е нашиот Огнен Антов, а бугарскиот режисер Димитар Митовски го сними токму според сценариото на Алек Попов. Предвидено е и обраќање на Попов и панел со Александар Прокопиев.
„Про-За Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт медиа“. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, од ТРАДУКИ, Делегацијата на ЕУ, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Амбасадите на Словенија, Хрватска, Бугарија и на Србија, Бугарскиот културно-информативен центар, Кинотеката, Национална галерија и винаријата „Бовин“.
Директор на фестивалот е Дејан Трајкоски, а уметнички директор е Александар Прокопиев. Претседател на одборот за доделување на наградата е Ермис Лафазановски, а продуцент – Никола Мадешовски.