Интензивно се палат контејнери
Во текот на изминатите три дена, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје забележа интензивна појава на опожарување на садовите за собирање на отпадот. Само на 9.05.2019 година, се опожарени пет контејнери на три микролокации во општината Карпош – две на булеварот Партизански одреди и една на ул. Московска.
Во текот на вчерашната ноќ гореа два контејнера кај хотелот Карпош во општината Карпош, како и еден на главната улица во општината Ѓорче Петров. Најголемиот дел од опожарените контејнери се целосно уништени и утринава беа заменети со комплетно нови садови.
„Покрај финансиската штета што му е нанесена на Претпријатието, опожарувањето на контејнерите предизвикува големи проблеми при одлагањето и собирањето на комуналниот отпад во градот. Апелираме до Инспекторатот на Градот Скопје и инспекциските служби при општините да преземат засилени мерки за надзор и санкционирање на сторителите на овие инциденти, со цел – да престане уништувањето на опремата на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје и нашите екипи да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски.“-изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Абдусамед Шабани.