„Интел“ отвора фабрика за микрочипови во Полска вредна 4,6 милијарди евра


Производителот на микрочипови „Интел“ во петокот објави дека ќе отвори нов објект од 4,6 милијарди евра во Полска за да го зголеми капацитетот на компанијата во Европа.

Американската компанија избра локација во близина на градот Вроцлав во југозападна Полска, а фабриката треба да започне со работа во 2027 година.

Компанијата минатата година објави дека Полска е меѓу земјите кои ќе имаат корист од инвестицискиот план на компанијата, кој се проценува на 33 милијарди евра, а преку кој се планирани инвестиции во капацитети во Германија, Ирска, Италија, Шпанија и Франција.

„Фабриката во Вроцлав, која се очекува да отвори 2.000 работни места, тесно ќе соработува со најсовремената фабрика за производство на микрочипови на ‘Интел’ во Магдебург, Германија“, пишува Политико.

Додека работниците во фабриките на „Интел“ во Германија и Ирска ќе произведуваат т.н вафери, односно плочки кои служат како основа за микрочипови.

Според планот, новата фабрика во Полска ќе работи на сечење на ваферите во поединечни чипови и ќе ги тестира пред да станат достапни за корисниците.