Интегрален текст од обраќањето на Венко Филипче на конгресот на СДСМ


Фото: Б. Грданоски

 

Денешниот онгрес е пресвртница во опозициското дејствување на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. 

Нов почеток, нова борба, нова надеж дека можеме да ја вратиме партијата таму каде и е местото, на победнички патеки. СДСМ да продолжи да ја гради иднината на нашата Татковина. 

Како човек, лекар, но и како политичар секогаш сакам да сум искрен. Јас немам волшебно решение со кое СДСМ преку ноќ може да стане владејачка партија. И ќе биде многу тешко. Не чека макотрпна работа!

Поминаа пет месеци откако бев избран за Ппретседател на СДСМ. Имав прилика да се уверам дека да се води оваа државотворна партија е потешко и од најсложените неврохируршки операции. Се сретнав со стотици луѓе. Членови, поранешни функционери, општествено активни луѓе, меѓу кои и лица кои никогаш претходно не стапнале во политичка партија. Внимателно слушав секој од нив, педантно ги забележав сите нивни аргументи, забелешки, критики.

Со многу критики се согласувам и советите на сите добронамерни луѓе ќе бидат водилка за новото раководство. Но, никогаш нема да прифатам и да подлегнам на оние кои потајно сакаат СДСМ да не го биде, кои шират дефетизам и го парализираат опозициското делување. СДСМ нема да се откаже, тоа треба на сите да им биде јасно. Напротив, СДСМ ќе го биде и СДСМ ќе се врати посилен.

Оваа партија не е ничија лична сопственост. Ниту на Бранко, ниту на Заев, ниту на Владо, Радмила, Димитар, а најмалку моја! Секој од нив низ годините ја носеше тежината на времето и одлуките, но и гордоста на партијата. Затоа СДСМ не смее и нема никого да заборави. Како лидер секогаш ќе подадам рака, ќе отворам врата за сите кои и мислат искрено добро на партијата. Ќе соработувам со сите за да се спротивставиме на лошите политики на власта. 

Социјалдемократскиот сојуз е пред сè партија на сите граѓани, на искрените и добронамерни членови и симпатизери кои секогаш се вложуваат без да го условуваат својот ангажман со функции или лична корист. Затоа, за СДСМ нема друга алтернатива освен да ги помине и овие опозициски премрежија, да се издигне и да се врати уште посилен.

Почитувани другари и другарки, 

Јас не сум политички наивец, да не знам на што сум се нафатил. 

Застанав на чело на партија која на последните парламентарни избори доживеа огромен, историски пораз. Пораз кој ја клекна партијата на колена. Но, поразот не е крај – тој е шанса за нов почеток. Шанса за освестување и обнова и таа шанса мора да ја искористиме. 

За поразот не треба да ја шминкаме реалноста ниту да си префрламе одговорност секој на секого.

Сметам дека е праведно конечно сите да прифатиме дека од различен агол, сите сме виновни. Точно е, некој повеќе, некој помалку, но секој на совеста го носи товарот дека во моментот нашата СДСМ се соочува со огромен предизвик за враќање на довербата на граѓаните. 

Причините за оваа лоша состојба се повеќеслојни. Заради големите национални прашања како полноправното членство во НАТО Алијансата, напорите за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ, решавање на отворените прашања со соседите, нашите Влади ја занемарија ефикасноста во обезбедување на сервисните функции на државниот апарат. 

Точен е впечатокот дека ЕУ и НАТО не се мачкаат на леб. Граѓаните сакаат функционална држава која испорачува конкретни резултати. Не за пет, не за десет години, туку сега и веднаш! Граѓаните не чекаат ветувања – тие чекаат дела.

Сметам дека не смееше да дозволиме речиси целата енергија да ја насочиме на евроинтеграциите, но и тие да бидат оправдување за неиспорачување на дел програмата и ветувањата кои ги дадовме пред граѓаните. 

Истовремено, дозволивме едно од најчувствителните историски прашања за македонскиот народ, спорот со Бугарија, да ги преклопи и сите добри работи и реформи што ги направивме. А направивме многу за нашите граѓани, за стопанството, за економијата, за пензионерите, за социјалните категории, за јавното здравство.

Но, не сметам дека стратешки погрешивме. Се вложивме 100 проценти, не калкулиравме, не бевме популисти, направивме тешки жртви. Двајцата мои претходници, Заев и Ковачевски ја жртвуваа својата политичка кариера за денес да сме членка на НАТО и да имаме започнато преговори со Европска унија.

За жал, таквата длабока посветеност, не беше наградена со очекуваната мера. Но се боревме за она што верувавме дека е исправно, дека ќе донесе добробит за секој граѓанин на оваа држава, дека ќе ја постави Македонија на светската мапа. И во тоа успеавме.

Не смееме да го занемариме впечатокот на јавноста дека бевме сервилни кон коалициските партнери. Тие ја злоупотребија нашата широчина, демократски капацитет за владеење и посветеноста за искрена инклузивност во работењето на сите нивоа во Владата. Од ова искуство треба да извлечеме една силна важна поука. Никогаш повеќе СДСМ не смее да биде во подредена положба или на штета на сопствениот рејтинг да ги одржува политичките коалициите.

Исто така, не се справивме до крај со криминалот и корупцијата на нашите претходници. За жал, и некои функционери и во нашите Влади со задоволство прифатија многу лоши навики кои режимот ни ги остави во наследство.

Затоа, токму во овој контекст ја користам приликата да испратам јасна порака. Сите случаи на корупција и прекршување на законите да бидат третирани од страна на надлежните државни институции, во објективна, непристрасна и независна постапка.

Но барам, беспоговорно да се почитува начелото на пресумпција на невиност, а секој криминал кој ќе биде докажан во фер и праведна постапка, да биде санкциониран.

Никој не е недопирлив! Тоа важи и за нас, но да бидат сигурни овие од власта што се закануваат, дека ќе важи и за сите сегашни функционери на владејачката коалиција.

Но, едно да е јасно, селективна правда и политички прогон нема да дозволиме! На оцрнувања на нашите членови и функционери кои чесно работеле, а ВМРО-ДПМНЕ ги плука во нивните режимски медиуми, остро ќе се спротивставиме.

Конечно, една од причините за сегашните состојби во партијата е што сме ја изгубиле солидарноста. Сме заборавиле или не сме посветиле доволно внимание на многу наши членови кои во одредени временски периоди биле на браникот на СДСМ, и тоа во многу тешки времиња.

Со моето доаѓање на чело на партијата сакам едно јасно да порачам. Секој кој ќе биде дел од партијата и од раководните структури е поставен на таа позиција да им служи на граѓаните и на членовите на СДСМ. Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја. Додека сум јас претседател, тоа нема да го дозволам затоа што тоа ја уништува сржта на нашето постоење.

Затоа, во одредена смисла имам разбирање за претпазливоста и скептичноста на одредени наши сопартијци. 

Но, од оваа говорница ги уверувам дека многу брзо ќе ги убедиме дека знаеме да се издигнеме над предизвикот и можеме со посветена работа да ги искорениме сите лоши навики кои ја мачат партијата.

Суетите во политиката ги имало отсекогаш, но во овие времиња ние го немаме луксузот да ја жртвуваме иднината на партијата заради лични предрасуди. 

Колективното добро мора да ги победи личните интереси!

Во пресрет на Конгресот не израдува одлична вест. Државата и партијата добија исклучително признание за посветеноста кон обезбедувањето на полноправно членство во НАТО Алијансата.

СДСМ е особено горд што Радмила Шекеринска ја доби честа да биде првата дама од Балканот која ќе ја извршува должноста втор човек на НАТО. Радмила е симбол на интелигенцијата, политичката мудрост и визионерството кое го краси СДСМ од неговото основање. Нејзиното именување за Заменик Генерален Секретар на НАТО е уште една потврда дека СДСМ е секогаш на вистинската страна на историјата, носејќи го товарот на најважните историски одлуки за иднината на Македонија. Ова е и потврда за македонскиот национален идентитет кој само ќе јакне и ќе се етаблира во светски рамки.

Денес пред Вас го презентирам предлогот за нов состав на Централниот Одбор на СДСМ. Сметам дека оваа листа пред се’  го одразува гласот на членовите, месните одбори и општинските организации. 

Некои ме критикуваат дека изборот одел многу бавно, дека одамна требало да се заврши оваа работа. Но, јас добро знам зошто толку внимателно го водев овој процес. Времето беше нужно за да се изберат вистинските луѓе. Ова се луѓе кои имаат поддршка од членовите и кои може да ги обединат сите од локално ниво па нагоре. Процес кој јас го сметав за инклузивен, со многу разговори, со многу дипломатија и почитување на мислењето на секој. Само низ ваков процес верувам дека можевме да избереме луѓе од доверба на членовите кои ќе ги претставуваат нивните интереси.

Новиот централен одбор го сочинуваат поединци кои се почитувани во својата заедница, кои знаат да го почитуваат членството и граѓаните и кои ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани.

Внесуваме нова енергија во нашите редови. Ги отвораме вратите за сите кои се блиски до социјалдемократски идеи и вредности. 

Моја цел е да создадеме систем во кој кадровскиот потенцијал со кој располагаме, биде распореден исклучиво по својата стручност и компетентност, а не заради блискоста и личните релации со партиското раководство. Принципот е секој да биде искористен таму каде може максимално да придонесе за исполнување на целите на СДСМ. 

Притоа, постојано ќе се водиме од принципите за унапредување на родовата еднаквост, правичната застапеност на заедниците и отсликување на мултиетничкиот карактер на нашето општество.

Пратениците како најистурената борбена единица на СДСМ ќе бидат по функција дел од Централниот Одбор и нивното непроценливо политичко искуство ќе биде од максимална полза во сите процеси.

Довербата се гради со дела, не со празни зборови. Реформите кои сакаме да ги видиме во општеството, прво почнуваат од партијата. Обновата започнува од нас. Ние мора да бидеме пример за посветеност, почитување, секојдневно да се потсетуваме дека сме свесни дека ние постоиме за граѓаните, а не обратно. 

Новото раководство на СДСМ  ќе биде исправено пред голема одговорност – да ги разобличи лагите, популизмот и опасните политики на актуелната власт. Владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што ги изневери очекувањата на граѓаните, туку и ја турка Македонија во нова ера на режимско владеење. Добиваме режим во ново руво.

Во моментов се случува партизација на институциите која е без преседан. Секојдневно сме сведоци на брутална чистка во која се заменуваат професионалци со партиски послушници. Ова се прави дури во клучните сектори како безбедноста и полицијата, но и секаде во администрацијата. ВМРО-ДПМНЕ систематски планира да ја уништува независноста на судството, да го заробува медиумскиот простор преку создавање на атмосфера на страв, измислени дестабилизации и поделби.

Секој пат кога Владата ќе направи катастрофален потег или ќе се соочи со скандал – а тие се секојдневие – Мицкоски фрла медиумски бомби за да го одвлече вниманието. Од вештачки кризи, до пласирање стравови за „надворешни и домашни непријатели“, власта игра на картата на поделби и заплашувања.

Кога шумските пожари ја зафатија земјата, наместо организирана акција и решенија, добивме обвинувања кон претходната власт. Кога економската состојба се влошува, платите паѓаат, а цените растат без контрола, добиваме закани за измислени дестабилизации.

Македонија не заслужува ваква неодговорна власт која постојано нè „спасува“ од непостоечки опасности додека реалните проблеми се натрупуваат.

Улиците се претворија во поле за пресметки на бандите, убиства имаме на секој чекор. Државата не може да се справи со растечкото насилство дури и по речиси цела година откако раководат со МВР. Ова е доказ дека секогаш кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт, криминалот царува, а подземјето ги диктира политиките.

Мицкоски продолжува дома да проповеда „горд отпор“ и „национално достоинство“, додека пред европските политичари ветува дека ќе ги исполни сите услови. Ваквиот двоен аршин не само што го подрива кредибилитетот на Македонија, туку ја прави земјата заложник на неговиот политички калкулус.

ВМРО-ДПМНЕ историски секогаш бил кочничар на напредокот, а оваа гарнитура не е различна. Додека се прогласуваат за големи „Европејци“, нивните дела говорат спротивно. Македонија е заглавена на патот кон ЕУ поради недостигот од акција на оваа влада. Наместо да ги продолжат преговорите, блокираат клучни реформи и ја користат европската перспектива за дневно-политички поени.

Да не заборавиме дека истите овие луѓе, кога беа во опозиција, направија сè за да ги блокираат договорите со Грција и Бугарија, договори што отворија врата за НАТО и ЕУ. Тие блокади ја чинеа Македонија години изгубен развој, а сега повторно го гледаме истиот деструктивен модел.

Ова владеење на ВМРО-ДПМНЕ во многу нешта потсетува на периодот 1998-2002. Големите очекувања носат и големи разочарувања.

Претставниците на власта упорно се трудат и сакаат да го минимизираат оствареното во евроатлантските интеграции. Нè обвинуваат дека сме ги предале националните интереси. Служејќи се со гол популизам и евтин национализам лажно ветуваа дека можат да издејствуваат нова преговарачка рамка со ЕУ. 

Да се потсетиме. Со истата жестина како што во опозиција го напаѓаа Преспанскиот Договор, ја напаѓаа и Времената спогодба од 1995, за во 2009 да им стане врвна дипломатска придобивка и главен аргумент во пресудата на Меѓународниот суд во Хаг. Исто како што сега на Христијан Мицкоски Преспанскиот договор му стана ремек дело на европската дипломатија. 

ВМРО-ДПМНЕ тогаш во опозиција тврдеше дека ќе ги врати Струга и Кичево во старите општински граници, а потоа во периодот 2006-2016 заборавија што ветувале.

На НАТО Самитот во Букурешт во 2008 прифатија ново име на државата, а нас нè обвинуваат дека сме го предале името. Ги слушавме и по телефонските разговори.

Не случајно нашиот народ вели: Волкот влакното го менува, но ќудот не. Тие се истите лицемери кои се себеси се нарекуваат „народни“, а никогаш немаат храброст да го подметнат грбот во клучните моменти за државата. Секогаш бегаат од одговорност и се кријат во своите комфорни зони. Биле и ќе останат политички кукавици. 

Но, граѓаните не се наивни. Точно ги читаат неискрените политичари кои ја освоија нивната доверба со веќе видените политички измами.

Би сакал кратко да се осврнам на новата програма и идеолошки документ кој СДСМ ќе го усвои на овој Конгрес, а потоа идното раководство во детали ќе го разработи како нова социјалдемократска платформа. Нашата програма ќе биде своевиден патоказ за праведно, развиено и демократско општество.

Солидарност, правда и еднаквост – ова е основата на нашите заложби.

СДСМ влегува во новото време со јасна визија: да ги врати основните принципи на социјалдемократијата како темел за промени во Северна Македонија.

Солидарноста е нашата сила

Во сржта на нашата визија стои солидарноста. Веруваме дека општеството е најсилно кога сите негови членови имаат еднакви можности за успех и достоинствен живот.

Сите се раѓаме еднакви, но еднаквите можности ги обезбедува државата.

Во општество каде социјалните разлики растат, нашата задача е да ги намалиме тие разлики преку фер распределба на ресурсите и можностите.

Нема среќно општество во кое едни живеат како богови, а другите страдаат.

Напредокот што го нудиме не е резервиран за одредени групи или привилегирани слоеви. Тој е за секој граѓанин – за работникот што сака подобри услови, за младите што бараат можности, за земјоделецот што ја храни нацијата, за пензионерот што заслужува достоинствен живот.

Економијата треба да им служи на граѓаните, а не обратно. Фер економија е основа на нашите економски политики. Нашата цел е да изградиме економија каде трудот е ценет, а богатството е правично распределено.

Благосостојбата на работниците е наше мерило за успех.

СДСМ се залага за економија во која трудот е вреднуван, а правата на работниците се заштитени.

Стабилноста е предуслов за секој чекор напред.

Во време на глобални несигурности, наш приоритет е да обезбедиме стабилност за нашите граѓани.

Членството во ЕУ не е само цел – тоа е нашиот пат кон подобар живот.

Членството во Европската Унија е стратешка определба на СДСМ и клучна алатка за трансформација на Северна Македонија во модерна, праведна и напредна држава.

Овој документ, кој ги содржи основите на сите политики, новото раководство на СДСМ ќе ги преточи во конкретни мерки, закони и проекти. Образованието, здравството, земјоделството, иновациите, и технологијата – за секоја тема СДСМ ќе има конкретни и силни политики од кои граѓаните ќе имаат силен и брз бенефит.

СДСМ мора да верува, пред сè, дека е голема партија – партија која ја носи својата мисија со гордост и одлучност. Тоа е партијата што секогаш била и ќе биде најсилниот противник на ВМРО-ДПМНЕ, на било кои избори, во било кои околности. Само СДСМ може да го победи ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ ја има својата историска мисија – да ја направи Македонија добро место за живеење, земја која секој од нас со гордост ја нарекува свој дом. Таа мисија не е само политичка обврска, таа е наша заедничка должност, наш завет кон сите генерации што доаѓаат.

Нашите корени се длабоки, впишани во слободарската револуција од Втората светска војна. Во нив живеат идеалите за слобода, независност и рамноправност. Тие идеали не се само дел од нашето наследство, туку и светлина која нè води во секој чекор што го правиме.

СДСМ докажа дека може да биде силниот штит, но и меч што ќе ја сруши автократијата и тоталитаризмот во Македонија.

СДСМ беше и ќе остане партијата што се бори против национал-шовинистичките тенденции, градејќи ја Македонија како дом за сите, без разлика на етничката или верската припадност.

СДСМ е партијата што победува и што губи, но што секогаш се издигнува. Како феникс, СДСМ повторно ќе стане силна, голема и моќна, секогаш подготвена да ја преземе одговорноста за нашата заедничка иднина.

Премногу сме направиле, премногу сме жртвувале како партија, за сега да се откажеме.

СДСМ е партија што ги обединува луѓето околу заедничките вредности. Ова е партија каде што секој има место, секој има значење. И ова е време кога сите треба да застанеме рамо до рамо, посилни и пообединети од кога било. Не се губитници оние што паднале во битката. Губитници се само оние што не се обиделе повторно да станат.

Денес, СДСМ станува! Денес, ние продолжуваме да се бориме за своите идеали! Ова не е само борба за политичка власт; ова е борба за вредностите што ја дефинираат Македонија како модерна, праведна и напредна држава.

Сакам за крај директно да им се обратам на сите членови на партијата.

Вие сте срцето и душата на оваа партија. Без вас, без вашата посветеност, енергија и верба, СДСМ не би бил тоа што е денес. СДСМ не е само лидерите, функциите или стратегиите. СДСМ е секој од вас кој ги живее и споделува социјалдемократските вредностите. Денес, повеќе од кога било, потребни сме едни на други. Партијата се подига, партијата зазема сила, и сите вие сте клучниот дел од овој процес.

 

Ова не е време за обесхрабрување, ова е време за акција! СДСМ е партија на победници. Ние знаеме како да се бориме, како да се издигнеме после секој пораз и како да ги преобразиме предизвиците во можности. Историјата ни покажа дека кога сме обединети, кога делуваме како едно, сме непобедливи.

 

Ги повикувам сите наши членови – од најновите до најискусните, од младите до ветераните – да застанеме рамо до рамо. Вашите идеи, вашата енергија и вашиот глас се силата што ќе нѐ води кон победа. Не дозволувајте никој да ве обесхрабри или да ви каже дека не можете да направите разлика. Вие сте клучниот фактор кој ќе го врати СДСМ на победничкиот пат.

Исто така, го испраќам овој повик до сите оние кои можеби одлучиле да ја напуштат партијата, до оние кои можеби се разочарале или се повлекле. Време е да се вратиме дома, време е да се обединиме. СДСМ е партија на сите – на искрените, на посветените и на оние кои веруваат во подобра Македонија. Вратете се, заедно сме посилни! Заедно можеме повеќе!

Денес го запечатуваме ветувањето дека ќе продолжиме да се бориме, дека ќе го чуваме она што е најважно – нашите вредности и нашата визија за подобра иднина.

Другари, оваа борба не е само за нас, туку за сите граѓани кои ја гледаат СДСМ како светилник на надеж и прогрес. Наша должност е да продолжиме да се бориме со целиот жар и енергија што ги носиме во срцето.

Да живее СДСМ, да живее единството, и да живее Македонија што ја заслужуваме! Заедно сме непобедливи, заедно ќе победиме!

Да живее СДСМ, да живее Македонија!