ИНСТАТ ја коригираше грешката, на прегледот за пописните резултати напиша Македонци


Албанскиот институт за статистика, ИНСТАТ, во прегледот за пописните резултати, го коригираше името за етничката припадност на припадниците на македонското национално малцинство, па наместо, како претходно името на државата – Северна Македонија, на албански и Северномакедонци, на англиски, сега стои Македонци.

Тоа доаѓа по реакцијата на македонското Министерство за надворешни работи, средбата на министерот Тимчо Муцунски со неговиот албански колега Игли Хасани, на форумот во Дубровник и низата реакции на Македонците во оваа земја.

Македонското МНР најави дека ќе го повика македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски на итни консултации во Скопје по што ќе биде решено дали и какви чекори ќе бидат преземени понатаму.

Според резултатите од последниот, 12. попис спроведен во октомври, минатата година чии резултати беа објавени пред два дена, во оваа земја како Македонци се попишани 2.281 државјанин, додека како Бугари 7.957 државјани, етничка заедница која ја немало на претходните 11 пописи на населението.