Инфлацијата во октомври изнесуваше 3,5 отсто на годишно ниво, месечната минус 0,7 отсто


Фото: Б. Грданоски

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во октомври во однос на септември годинава, бележи намалување од 0,7, а цените на мало за 0.1 отсто. Во споредба, пак, со октомври 2023 година, трошоците на животот се зголемени за 3,5, додека цените на мало за 3,9 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Намалувањето на инфлацијата во октомври 2024 година, во однос на септември 2024 година, е резултат на намалувањето на трошоците на животот во следните групи: Храна и безалкохолни пијалаци за 2.2 %, Ресторани и хотели за 1.5 %, Рекреација и култура за 0.9 %.

Во октомври 2024 година, во однос на септември 2024 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 3.4 %, Облека и обувки за 1.4 %, Транспорт за 0.7 %, Здравје за 0.3 %, Домување, вода, електрика, гас и други горива, разновидни стоки и услуги за 0.2 %, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата и комуникации за 0.1 %.

Трошоците на животот во групата Образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.