Индија: Меѓу заболените од корона се појави тешка инфекција


 

Сериозна габична инфекција е откриена кај некои пациенти заболени од корона вирусот во Индија, но и кај оние кои неодамна оздравеле од Ковид-19, а смртноста на оваа инфекција е многу висока од 25-80 отсто.

Според „Тајмс оф Индија“, офталмологот Парт Рана рекол дека откриле пет случаи со инфекцијата, а се наведува дека се работи за мукормикоза. Ова е ретка, но многу опасна болест, која се пренесува по воздушен пат или преку кожата. Не се шири меѓу луѓето или преку животни. Имено, габите ги има во земјата во трули билки. Па доколку некој со слаб имунитет ги вдише спорите, може лесно да заболи.

Најчесто погаѓа луѓе кои имаат намален имунитет поради земање лекови, како кортикостероиди, дијабетичари, луѓе со трансплантирани органи, лимфоми и слично.

Симптомите вклучуваат од течење до крварење од носот, болки во стомакот, неможност за движење на очното јаболко и проблеми со белите дробови.

Во Индија, двајца пацинети веќе починаа, а двајца ослепеа. Петтиот пациент е во критична состојба.

Пред корона вирусот, на мукормикозата ѝ требале 15 до 30 дена за инкуабција, но со Ковид-19, тоа се случува за два до три дена.

Инфектологот Атул Пател, кој претходно предупреди дека постои опасност од сериозни инфекции поради корона вирусот, вели дека во Индија досега регистрирале 19 случаи на мукормикоза кај пациенти што оздравеле од корона вирусот, во претходните три месеци.