Инаугурацијата на новиот претседател Пендаровски на 12 мај
Собраниската седница на која ќе биде инаугуриран новоизбраниот претседател на Република Северна Македонија Стево Пендаровски ќе се одржи во недела на 12 мај, потврдуваат за МИА од Собранието.
Пред народните избраници Пендаровски ќе даде свечена изјава со што и официјално ќе го започне мандатот и ќе стане петтиот претседател на државата.
Пендаровски, кој беше поддржан од СДСМ и коалицијата, на вчерашниот втор круг од претседателските избори освои 436.212 гласа или 51,66 отсто од гласовите на граѓаните кои излегоа на гласање.
Неговата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова, која беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, освои 377.713 гласови или 44,73 отсто. Одѕивот на гласањето беше 46,70 отсто.
Пред Пендаровски фукцијата претседател на држвата ја извршуваа Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и во изминатите десет години во два последователни мандата Ѓорге Иванов, од кого Пендаровски ќе ја преземе должноста. Инаугурацијата на Иванов во Собранието се одржа исто така на 12 мај пред пет години, во 2014 година.