Имаше ли дипломатски скандал во Софија или не?

Фијаско, глумење дипломатија, па и срам за Македонија - се негативните реакции од посетата на Силјановска во Софија каде што беше дочекана со две бугарски знамиња и ниту едно македонско


Македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова вчера беше пречекана во Софија без официјалното знаме на нашата држава – и не само таа. Како што се гледа од фотографијата од средбата на министерот за култура Зоран Љутков, и таму отсуствувало националното знаме на Македонија.

Иако станува збор за неофицијална посета и бугарските медиуми пишуваа дека Давкова се „самопоканила“, а таа самата ги фалеше можностите на културната дипломатија,  дури и да е според востановените протоколи за неофицијални посета меѓу две држави – јасно е дека од Софија и пратија сигнал на нашата влада дека не ја почитуваат и не ја доживуваат како искрена, бидејќи да сакаа ќе имаше знаме на Македонија, без оглед на карактерот на средбите. 

Во бугарските медиуми тој факт воопшто не беше забележан, но затоа кај нас повеќето го оценија како дипломатски скандал, и покрај позитивниот настап на Силјановска во Софија која на моменти со реториката звучеше како екс премиерот Зоран Заев, кој најмногу беше напаѓан за попустливост кон Бугарија.  

Отстуството на знамето беше главна тема на социјалните мрежи, а го прокоментира и Ѓорѓи Спасов. 

-Бидејќи сама си се поканила со намера да одглуми “културна дипломатија”, односно дека нешто прави на планот на добрососедските односи, таа беше дочекана како приватно лице кое дошло на кафе во канцеларијата на Радев, па домаќините со право оцениле дека не треба да ја третираат како државник од друга држава и да истакнуваат знаме од таа држава.Таа се согласила однапред на приватен и понижувачки третман и да нема изјави по приватната средба.

Сигурно и кажале дека домаќините ќе и ги кажат сите оние работи што бугарската страна постојано ги повторува. А тоа е дека таа и Мицкоски треба да престанат со предизборната реторика кон Бугарија, дека Бугарија нема намера да преговара одново со Македонија и дека ако Македонија сака да ги почне разговорите со ЕУ треба да ги исполни условите од преговарачката рамка да го почитува договорот за добрососедство и потпишаните протоколи.Тоа ли отиде да го слушне Силјановска? – прашува јавно Спасов.

Според него, таа  и Муцунски биле свесни дека само тоа ќе им биде кажано и повторено, но решиле покрај операта да понудат и мал театар. Затоа, според него Силјановска пред камерите се фрли во прегратките на Радев, ја изгушка и Јотова која е задолжена за бугарските клубови во Македонија и за пописот во Албанија, а во нејзин стил изјави дека разговарале, ама ништо не договориле.

-Се на се.Импровизациите во меѓународните односи лесно се препознаваат.Секоја средба на претседателите на држави мора да биде темелно подготвена, за да не стане како оваа, фијаско и глумење дипломатија па и срам за Македонија. Ако е тоа нејзиниот прв чекор за Македонија да ја направи повторно горда, тој чекор е погрешен, тврди Спасов, инаку поранешен дипломат и амбасадор во Бугарија. 

Фактот дека Силјановска се изгушка со Радев и со Јотова всушност беше најпренесуван од бугарските медиуми, покрај изјавата на претседателката  дека „не е монарх“ и дека не може да им каже на пратениците да гласаат за уставните промени и пораката на Радев – дека дијалогот може да продолжи со почитување на Договорот од 2017 година, Преговарачката рамка и заклучоците на ЕУ, што во превод значи без менувања на условите. Иако тоа што се зборува во јавноста и што се зборува зад затворена врата во средба во четори очи не е секогаш исто, во бугарските медиуми остана забележан фактот дека по силната антибугарска реторика за време на изборите, па и сега, прво што направи Силјановска беше да го покани Радев – да ја посети Македонија.   

Политиката „топло-ладно“ затоа не остана незабележана во Софија. Наспроти Силјановска која порача дека „ мислата може да биде побрза од светлината и ако се слушаме, ако се почитуваме, ако имаме волја да се разбереме – тогаш решението е достапно“, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски го повтори ставот за одложено спроведување на уставните измени и се пожали на блокадата во денешното интервју за ЕФЕ. Во однос на процесот на европска интеграција, тој истакна дека има „неправедна билатерализација и двојни стандарди кои станаа дел од процесот на пристапување во Европската унија“.

Во тој контекст беше и тврдењето на Силјановска дека Владата има разбирање за прашањето околу Коридорот 8 и дека „се што не поврзува е добредојдено“, иако најавија дека ќе го запрат и ќе ги пренаменат парите. 

„ Не станува збор само за коридор поврзан со безбедноста, туку и за можност граѓаните од двете страни на границата да комуницираат.Владата покажува разбирање за ова прашање и не гледам причина да се засегнат интересите на НАТО каде што сме заедно“, порача Силјановска од Софија, заклучувајќи дека „не случајно сме еден до друг, секоја комуникација е добредојдена“, рече Силјановска.

Според оценката на „Медиапул“, партијата на Силјановска, ВМРО-ДПМНЕ, развила моќна антибугарска кампања и победила на тој начин на парламентарните и претседателските избори во  Македонија пред неколку месеци, а сега Силјановска порачува дека „за жал, односите меѓу двете земји  не се на потребното ниво и не соодветствуваат со животот на земјите членки на НАТО и во ситуација кога едната е дел од ЕУ, а другата е кандидат за влез во Европската Унија“.

„Го цениме исклучително важниот и сложен процес на дијалог, кој подразбира зближување, градење и негување пријателство, преку меѓусебно почитување на двете соседни европски земји. Во оваа смисла сметам дека почитувањето на достоинството, заложбите за европска интеграција и добрососедските односи се целосно комплементарни и заеднички интереси на двете земји“, ја пренесе „Медиапул“ Силјановска, забележувајќи потоа дека премиерот Мицкоски јавно одби да разговара со официјалната влада на Димитар Главчев и ги смета тие разговори за бесмислени додека не се избере редовен кабинет.

И додека од партиите во Македонија денес се препукуваа околу посетата, од кабинетот на Силјановска молчеа за фактот дека Радев ја дочека во официјалниот кабинет без да го истакне знамето на Македонија. Реално, настанот први го крстија како скандал провладините медиуми, што е на линија на оценките на медиумите во Софија дека Силјановска беше во Бугарија само за да фрла „прашина во очи“, односно да глуми конструктивност на новите власти и тоа да го презентира пред Брисел. Дали само пред Брисел или во Македонија, ќе се види наскоро. 

Имено, за меѓународната публика тие се изгушкаа и слаткоречиво се разбраа, додека со отсуството на знамето  си дадоа простор – пак да се скараат. Тоа е нешто што му одговара на Радев пред изборите во Бугарија, но и на Силјановска дома, бидејќи на власта не и се брза Македонија да влезе Унијата. Уште повеќе што нема ништо поприродно од премиер што зема кредити од Кина преку Унгарија лесно да се разбере со претседател, макар и на Бугарија, што е свртен кон Русија, така што оваа кавга е на штета – само на Македонија.   

Инаку, пред пристигнувањето во операта Силјановска исто така беше дочекана од бугарски националисти од тамошното ВМРО кои извикуваа „Сакаме права“ мислејќи на Бугарите во Македонија. (Н.В.)