Имало ли инсајдерски информации: Пред прекинот на огнот, се обложиле со 950 милиони долари дека нафтата ќе поевтини


Непознати инвеститори вложиле околу 950 милиони долари во облог за пад на цените на нафтата, само неколку часа пред САД и Иран да го објават привремениот прекин на огнот. Овој потег повторно ги отвори прашањата за тајмингот на големите трговски позиции на енергетските пазари и можното поседување инсајдерски информации, пишува Ројтерс, пренесува Индекс.

Според податоците на ЛСЕГ (LSEG), во вторникот во 19:45 часот по Гринич биле продадени вкупно 8.600 фјучерс-договори за нафта од типот „Брент“ и американската сурова нафта (WTI). Кратко потоа, околу 22:30 часот, американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од заканите за воени дејствија и најави двонеделен прекин на огнот со Иран, по што цените на суровата нафта паднаа за околу 15 отсто, спуштајќи се под границата од 100 долари за барел.

Експертите укажуваат дека иако заземањето големи позиции не е невообичаено, ваквите трансакции ретко се реализираат во толку големи пакети одеднаш. Вообичаено, трговците ги распределуваат налозите на повеќе берзи и користат алгоритамско тргување во текот на повеќе часови за да избегнат влијание врз цените. Дополнително, сомнително е што налозите се извршени по официјалното затворање на пазарите (по 18:30 часот по Гринич).

Сличен образец беше забележан и на 23 март, кога беа продадени фјучерси во вредност од 500 милиони долари само 15 минути пред Трамп да го објави одложувањето на нападите врз иранската инфраструктура, што исто така предизвика пад на цената од 15 проценти.

Берзанскиот оператор „ЦМЕ груп“ (CME Group), како и Интерконтиненталната берза (ICE) и американската Комисија за тргување со стоковни фјучерси (CFTC), засега одбиваат да ги коментираат овие трансакции.

Од почетокот на војната, обемот на тргување со нафта е удвоен, достигнувајќи рекордни нивоа од над еден милион договори дневно, што одговара на вредност од околу една милијарда барели нафта.