Има жалење, нема извинување: Курти ја пушти Вјоса Османи „низ вода“

Врв на сите пораки беше одговорот на Курти дека не слушнал и не видел дека некој од Косово официјално ја обвинил Македонија за провокација


 

Има жалење, нема извинување. Вака некако, на средина, се најдоа премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти по очигледната мачна двочасовна средба денес во Скопје од која излегоа споделувајќи ја вината за инцидентот, но со силна желба да ги подобруваат односите меѓу Македонија и Косово.

Тоа што Курти, без да биде прашан, кажа дека претседателката на ВИП излезот била со двете деца и семејството беше јасна порака дека не патувала службено туку приватно, а барала привилегиран третман на скопскиот аеродром од каде што летала со комерцијален лет.

Тоа што, пак, Мицкоски нагласи дека тој самиот кога патува во странство не користи ВИП излез туку обичниот, како и сите граѓани, беше исто така јасна порака дека однесувањето на претседателката било аздисување или отпор да ги испочитува процедурите за безбедност во авиосообраќајот.

Во интерес, сепак, на добрососедските односи двајцата премиери се повикаа на истрага на официјалните институции, иако Курти реално ја пушти Османи „низ вода“, а Мицкоски, за да не изгледа премногу грубо – се понуди следниот пак да ја придружува кога патува преку Македонија – за да се чувствува добредојдена и таа и косовските граѓани.

Она што изостана денес по средбата со косовскиот премиер и што го игнорираше како прашање премиерот Мицкоски, е дали ќе го повика на одговорност спикерот Африм Гаши, кој место тоа посочи на одговорност на членот на неговото обезбедување. Практично се потврди она што се очекуваше од средбата – дека ниту на Курти ниту на Мицкоски им одговара скандалот да еруптира, бидејќи јавноста кај нас може да дојде до заклучок дека можеби било и подобро со ДУИ отколку со „Вреди“ како албански коалициски партнер. Покрај тоа, ни Курти ни Мицкоски веќе немаат луксуз да се караат со соседите, бидејќи и двајцата имаат премногу кавги на контото.

Врв на сите овие пораки беше одговорот на Курти дека не слушнал и не видел дека некој од Косово официјално ја обвинил Македонија за провокација и за намерно малтретирање на косовската претседателка, упатувајќи на соопштението на косовското МНР како релевантен став на Приштина за случката. Со тоа Курти порача дека Османи претерала и тој се оградува од  соопштението од кабинетот на претседателката, кое беше полно со гневни напади и навреди на сметка на Македонија, дотаму што стоеше дека нападот на Вјоса Османи бил напад на самото Косово. 

Наспроти тврдењата на Османи за насилнички и арогантен третман кон неа во Скопје,  Мицкоски по средбата со  Курти рече дека како македонски премиер и тој е подложен на вакви процедури, како и сите официјални лица. Откако рече дека е посветен на добрососедска соработка со Косово и дека тоа треба да биде двонасочна улица, Мицкоски дополни дека според официјалните информации од ТАВ, околу третманот на Вјоса Османи се следеле јасни и прецизни меѓународни стандарди кои важат за комерцијални летови. 

„Жалиме и не сакаме  тоа да се повтори. Претседателката е добродојдена, како и сите граѓани на Косово, и следниот пат ќе ја дочекам како домаќин и ќе ја придружувам на аеродром за да избегнеме вакви инциденти од поединци ,кои се наш домашен проблем“, рече Мицкоски, додавајќи дека односите меѓу двете земји, и покрај оваа тензија –  не се нарушени.

Курти преферираше да ја истакне билатералната соработка и  подоброто функционирање на граничните премини, бидејќи многу наши и нивни граѓани имаат роднини од двете страниа на границата, нагласувајќи дека  актуелната министерка за надворешни работи Доника Гарвала-Шварц и претседателот на парламентот Глаук Коњуфца се со потекло од Македонија. Тој притоа рече дека Македонија е членка на НАТО, што пак е најсилна одбранбена алијанса во историјата, и дека сака да ја зајакне соработката во одбраната со нас и генерално да ги јакне меѓусебните односи врз основа на реципроцитет и доверба.

 

„Несомнено  беше тешко искуството на претседателката на Косово на 2 август на аеродромот во Скопје, каде што беше со семејството и со двете ќерки. Државниците на Северна Македонија изразија жалење и ќе има официјален извештај  кога ќе се расфетли случајот целосно, за никогаш да не се повтори“, рече Курти за инцидентот. Запрашан директно за тврдењата од кабинетот на Османи дека тоа било намерна провокација Курти рече:

„Не знам таков став како став на институција на Република Косово. Може го кажал некој  од граѓаните. Министерството за надворешни работи го даде нашиот став и го видовме исто така ставот на МНР на Северна Македонија.  Цел треба да ни е вистината, а не тензиите. Јас и Мицкоски не можеме да бидеме и функционери и цариници, полицајци… одговоривме на суштината на проблемот, истрагата ќе продолжи“, рече Курти технички.

Според него, сите прашања ќе бидат расветлени со официјалниот извештај што треба да го објави македонското МНР, но гледајќи ги соопштенијата на двете министерства, тој е оптимист дека нема да се повторат вакви ситуации. 

Мицкоски додаде дека самата средба денес потврдила дека не се нарушени односите и дека ќе добијат позитивна динамика во иднина.

„Разликата меѓу овој и двата вакви претходни инциденти е што сега имаме јавност и има политичари што сакаат да добијат ситни политички поени од случката, но нема да успејат во тоа“, рече Мицкоски. Потоа соопшти дека тие претходни инциденти се случиле на 16 септември и на 9 октомври минатата година кога овие политичари кои, како што рече, сега црвенеат (од срам за тоа што се случило) биле дел од тогашната влада, а јавноста не била запозната.

„Жалиме што се случи овој настан, кој не е прв, туку трет“, сумираше премиерот нагласувајќи дека и тие два инциденти ќе бидат дел од извештајот, без да даде деталји за што станува збор. 

„Јас сум голем оптимист за иднината. Оставам на официјалните институции  да ја завршат истрагата“, заклучи Курти.  

Околу одговорноста на Гаши, Мицкоски само посочи дека истрагата има два дела – до доаѓањето на лицето од обезбедувањето на Гаши и по доаѓањето.

„Ако институциите констатираат кривично дело бидете сигурни дека лицето ќе биде изведено пред правдата и ќе има одговорност“, порача Мицкоски игнорирајќи го прашањето за спикерот.