Има таков народ, нема таква иднина


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Слави Трифонов од Фејсбук арената треба да се симне во реалноста бидејќи не секогаш тоа што е добро за изборна кампања, е добро за било чија политичка иднина

 

Зошто токму тој? – е прашањето што го постави бугарски аналитичар, реагирајќи на победата на Слави Трифонов и на неговата партија Има таков народ (ИТН) на изборите во Бугарија, кои требаше да доведат до политичка разврска и промена на политичката сцена во државата.

Откако станаа јасни резултатите, практично не престанува фрлањето „дрвја и камења“ кон Трифонов и ИТН: Дека не се политичка сила која може да ја изведе промената што се бара во Бугарија, дека се само препакувани политичари од старите структури, дека се поврзани, спонзорирани и одработуваат за озлогласената ДПС, која веќе никој не ја сака во власта, дека не се демократи бидејќи најавуваат влада пред да ги прашаат за мислење партиите со кои сакаат да соработуваат, па и дека се партија политички инжинеринг. Ги критикуваат, исто така, што немаат програма за земјоделството, за економијата и за климата, но имаат вселенска програма, со оценка дека нивната изборна програма и не е тоа, туку список на божикни подароци – од купување лаптопи, па до градење училишта, во време кога ситуацијата во Бугарија бара поголема професионалност и сериозност.

Особено остри напади пристигнаа од екс-претседателот близок до ГЕРБ, Росен Плевнелиев, кој оцени дека „популизмот процветал“ во Бугарија, а Трифонов е стандарден популист чиј стил никогаш нема да го прифатат европските партнери, што ќе има страшни последици за општеството и за државата. Тој смета дека ИТН е нарачан „подобен проект“ од тие што учеле како се прави тоа во Москва и дека на Бугарија не ѝ требаат веќе месии што само ја разградуваат демократијата. Во сличен стил  реагираше и Арман Бабикјан од партијата Исправи се!, која според оценките на бугарските медиуми ќе биде таа што ќе го има одлучувачкиот глас за формирање на владата. „Не ни треба Фејсбук, ТВ или реалити република. Против ова се бориме 12 години“, порача тој, најавувајќи практично дека Бугарија ќе добие влада предводена од Слави Трифонов само ако во темел се смени неговата изборна програма, неговиот политички стил, неговата реторика, па и ако го снема него самиот.

Сето ова најавува дека формирањето влада во Бугарија ќе биде многу тешко, а може да се покаже и невозможно, иако и одржувањето трети парламентарни избори заедно со претседателските во октомври или ноември не ветува некој исход, бидејќи ентузијазмот на гласачите е на историско најниниско ниво.

За нас во Македонија битни се две нешта – дека политичката парализа во Бугарија може да трае многу долго и дека нашата држава ќе стане жртва на обидите таму политиката да се издигне на ново ниво, т.е. Бугарија конечно да стане вистинска европска држава. Народски кажано, Македонија нема да добие датум за преговори со Европската унија додека Бугарија не го реши прво проблемот со самата себе, со своето нефункционирање како одговорно општество, со својата корупција, со својот популизам, со неодговорноста кон своите граѓани и неодговорноста кон нас како сосед.

Очекувањето дека барем во однос на нас ќе се смени нешто и дека ќе дојдат на власт поодговорни политички структури кои нема да ги злоупотребуваат односите со Македонија за внатрешни политички пресметки и поени  исчезна со несериозната и навредлива изјава на Трифонов за вклучувањето на „Северномакедонци“ во првиот бугарски вселенски тим. Трифонов, заради немање политичко искуство или немање што да каже сериозно, со изјавата отиде подолу и од потсмевањата на Красимир Каракачанов, бидејќи од позиција победник на изборите прати порака дека за ИТН нема македонски народ, дека нема ни држава што ја признава, бидејќи тој решава за нас дали да летаме во вселената и дека не знае ни елементарно да не испочитува како луѓе со кои има различен став за одредени прашања. Факт е, за среќа, дека и тој самиот е свесен дека за него нема место во политиката и веќе се исклучи од составот на идниот кабинет, за кој е прашање дали воопшто ќе му го прифатат во националниот парламент.

Иако ситуацијата изгледа песимистичка за Македонија, бидејќи никогаш досега една партија победник на избори во Бугарија не била во ситуација да прави влада со толку малку пратеници, тоа може да биде не само лоша, туку и добра вест. Ако не успее Трифонов да направи влада која ќе има легитимна одговорност да решава за ветото кон Македонија, ќе го снема него од политиката. Ако успее, тоа ќе биде влада која ќе мора да почива на големи компромиси, бидејќи ќе нема друг начин да опстане. Колку и да се корумпирани, колку и да се неодговорни, колку и да се препакувани, политичарите во Бугарија разбираат кога некој ќе им рече доста и кога јасно ќе им кажат дека не сакаат статус-кво и апсолутна власт. Дека, толку колку што се, треба да најдат решение за владата и за државата, при што немаат бланко поддршка за потезите. Дека победија не затоа што се подобри, туку затоа што решија да ги казнат останатите. Дека победија не заради популизмот, туку како знак на протест. И дека, колку лесно ги донесоа до власт, толку лесно ќе ги симнат ако продолжат со неодговорните политики, вклучувајќи ја и таа кон Македонија, која не им донесе ништо добро освен лечење фрустрации, а направи огромна штета во односите меѓу двата народи и држави.