Има или нема Игор Јанушев фирма во Бугарија? А и бугарски пасош. Тој молчи
Многу имаат и фирми во Бугарија и пасоши од соседната држава. За некои тоа е непријатна работа. Тоа може да биде и за генералниот секретар на владата, Игор Јанушев, ако се потврдат некои неофицијални информации дека тој не само што има фирма во Бугарија, туку и дека има и бугарски пасош.
Ваквите информации објавени во бугарската јавност СДСМ ги стави на политичкиот мегдан.
„Според документи објавени од медиуми во Бугарија, генералниот секретар на Владата на Мицкоски, Игор Јанушев е поврзан со компанијата ‘Флугбан транс’ со седиште Ќустендил.
Како што стои во овие документи дејноста е ‘патен линиски превоз на стока’, управител е Кире Гешоски а има и трет партнер – Сашо Апостоловски. Сите од кругот на Мицкоски“, рече денеска на прес-конференција портапролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Фирмата пријавувала годишен промет од околу 320.000 евра и нето добивка под 10.000 евра.
Пренесувајќи вести од Бугарија Кузеска рече дека Јанушев наводно имал бугарски пасош. И праша зошто Јанушев не го пријавил бугарскиот капитал во анкетниот лист до ДКСК.
„За давање лажни податоци за имотната состојба на функционерите им се заканува затворска казна од шест месеци до пет години“, рече Кузеска. И додаде:
„Додека Мицкоски и неговите најблиски соработници имаат бизнис интереси во Бугарија, истовремено ја блокираат европската интеграција на Македонија.
Додека неговите луѓе имаат фирми и прават бизнис преку бугарски компании, граѓаните на Македонија чекаат со часови на граница. Кога конечно ќе престане оваа политика на двојни стандарди?“
Игор Јанушев не одговори на ваквите тврдења од последниве денови. Но затоа се јави неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Партијата демантира дека Јанушев аплицирал за бугарско државјанство, ниту пак за некое друго. Но потврдува дека има фирма во Бугарија, од која наводно не остварил приход.
„А ако веќе држат прес-конференции на темава, тогаш претседателот на СДС, Филипче, нека одговори неговите неколку компании регистрирани во Бугарија, во Петрич на улица ‘Гоце Делчев’ број 12 , што точно работат и од каде е профитот“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.