„Има голем и мал Груевски, повисокиот е идеолошки понизок“: Ковачевски за лидерите на ВМРО-ДПМНЕ


 

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва изјави дека нема никакви идеолошки разлики меѓу сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот претходник. Според него, тие двајцата се идеолошки исти, затоа што сакале изолација и не биле подготвени да носат одлуки.

Во гостувањето на Сител Ковачевски изјави: „Кога ќе ги погледнете нивните ставови вие може да видите дека се работи за мал Груевски и голем Груевски, бидејќи тие немаат различни политички ставови во однос на изолација на државата, при неносење на одлуки, за неинтегрирањето на државата во ЕУ, немаат никакви разлики во своите политички постапки“.

Тој уште даде и квалификација во однос на нивната висина. „Без разлика на тоа што по висина сигурно дека сегашниот претседател е неколку десетици сантиметри повисок, мислам дека во идеологијата големиот Груевски е оној кој е понизок по раст“, рече Ковачевски нагласувајќи дека Фејсбук преписката меѓу нив двајца е дебата којашто тие ја треба да ја водат и дека тој не можел да се меша во друга политичка партија.

На прашањето на новинарот дали имал средба со Никола Груевски, Ковачевски дека никогаш немал комуникација со него и дека на отворањето на старо-новиот театар бил како претставник на компанијата во која тогаш работеше, Македонски телеком.

„Груевски го имам еднаш видено на отворање на театарот. Јас бев претставник на компанијата, бев директор. Тоа беше државен настан. И таму бев испратен од директорот на компанијата кој беше странец. Ниту сум имал ниту сметам дека ќе имам комуникација со него“ рече Ковачевски.

Околу фамозното УСБ и наводната содржина во него за измените во Кривичниот законик премиерот Ковачевски рече: „Јас УСБ немам видено веројатно 10 години бидејќи во моментов се користат други технологии и телекомуникациски средства за комуникација“.