Илон Маск сака да изгради подводен тунел меѓу Њујорк и Лондон
Технолошкиот визионер Илон Маск предизвика големо внимание во јавноста со изјавата дека неговата компанија Boring може да изгради трансатлантски тунел меѓу Њујорк и Лондон за неверојатно ниска цена од 20 милијарди долари.
Тврдењето беше изнесено на социјалната мрежа Х, како одговор на објавата која ја предвидува цената на сличен потфат на дури 20 трилиони долари.
Маск накратко одговорил дека Boring Company може да го направи тоа за 1.000 пати помалку пари.
Проектот предвидува тунел со должина од околу 5.600 километри, кој би бил најдолг во светот, далеку над постојниот рекордер – тунелот под Ла Манш, меѓу Велика Британија и Франција, кој има подводен дел од околу 50 километри.
За споредба, изградбата на овој тунел чинеше околу девет милијарди фунти (приближно 23,4 милијарди долари во денешната вредност).
Овој амбициозен план се потпира на технологијата на вакуум тунел што би овозможила брзина од 1.930 километри на час. Идејата за сличен проект беше разгледана уште во 2000 година, но неговата изводливост остана сомнителна поради високите трошоци и техничките пречки.
На Маск не му се непознати овие иновативни идеи. Тој уште во 2013 година го претстави концептот „hyperloop“ – систем на вакуумски тунели кои би овозможиле транспорт со брзина од 1.100 километри на час. Иако неколку компании, меѓу кои и Virgin Hyperloop, постигнаа одреден напредок, најдолгиот дострел постигнат досега беше тестот од 11,8 километри во Швајцарија, со скромна максимална брзина од 40 километри на час.
Сепак, многу скептици истакнуваат дека пречките како регулација, финансирање и интеграција со постојните инфраструктурни системи се преголеми за реализација на ваквите зафати. На пример, претходните предлози на Маск за изградба на подземни тунели за автомобилите на Тесла во градови како Мајами и Лос Анџелес не се реализираа.
Додека тврдењето на Маск за можноста за изградба на овој мегапроект за „само“ 20 милијарди американски долари предизвикува интерес, експертите предупредуваат дека недостигот на технички докази и јасни планови оставаат многу прашања неодговорени. Меѓутоа, доколку проектот успее, може да направи револуција во глобалниот транспорт со намалување на времето на патување меѓу двата континента на помалку од еден час.