Илон Маск ја загуби титулата најбогат човек во светот, но само на неколку часа

Илон Маск во вторникот накратко ја загуби титулата најбогат човек во светот од соосновачот на „Оракл“ – Лери Елисон. Богатството на Елисон скокна за 89 милијарди долари, на 383,2 милијарди, откако компанијата објави позитивен извештај за берзата, објави „Блумберг“ (Bloomberg).
„Оракл“, имено, објави пораст на побарувачката за ВИ-капацитетот на својот центар за податоци. Акцијата порасна за дури 43 отсто пред да се затвори на околу 36 насто на крајот од денот. Тоа е најголемиот еднодневен раст на нивните акции од 1992 година. Елисон е најголемиот индивидуален акционер во „Оракл“, па тој раст на нето-вредноста го направи најбогатиот човек во светот за неколку часа вчера. Но, на крајот од денот, нето-вредноста на Маск беше 384,2 милијарди долари, надминувајќи ја онаа на Елисон за милијарда долари.
Брендот „Оракл“ се позиционираше како клучен снабдувач на инфраструктура за компаниите за вештачка интелигенција. Пазарната вредност на компанијата се зголеми за околу 244 милијарди долари, на околу 922 милијарди. Тоа ја направи 13-та највредна компанија во „С&П 500“ листата.
Маск првпат ја презеде титулата најбогат човек во 2021 година и последниве неколку години тој постојано е некаде при врвот, делумно благодарение на неговите различни инвестиции во „Тесла“ и „Спејс-Икс“.
За Елисон, неговиот пат кон елитата најбогати луѓе во светот, почна 1977 година, кога тој се откажа од колеџот и влезе во новооснованата компанија „Оракл“. Денес 81-годишниот мултимилијардер поседува 98 отсто од хавајскиот остров Ланаи и е заслужен за оживувањето на американскиот тениски турнир Индијан Велс во Калифорнија. Патем, Елисон има и блиски врски со претседателот на САД, Доналд Трамп.