Илијевски: Сценариото околу ослободувањето на Рамадани е проѕирно


Горан Илијевски, претседателот на Партијата на Македонците на Србија, за Косово онлајн оцени дека со изрекувањето куќен притвор на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, кое го искористи за да избега, длабоко е прекршено меѓународното право на штета на Србија. Илијевски смета дека очигледно имало план тој да избега.

„Длабоко кршење на меѓународното право е тоа што македонскиот правосуден систем дозволува воен злосторник, по кој е распишана меѓународна потерница,да биде испратен во домашен притвор, што е бесмислица. Тој не е жител овде. Велат дека еднаш бил со роднина, еднаш со пријател, а очигледно е дека имало сценарио едноставно да го пуштат и да избега од Македонија. Од друга страна, Македонија долги години чекаше на екстрадиција на двајцата криминалци кои ги убија македонските деца на Смилковското езеро и до ден денес немаме екстрадиција на тие криминалци, убијци“, вели Илијевски.

Тој додава дека тоа е преседан и дека е оправдана реакцијата на министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

„Србија се повикува на меѓународното право со кое мора да се почитува меѓународната потерница на Интерпол. Во која било европска земја во која ќе се најде, на кој било аеродром, мораше да биде приведен додека Србија не ги достави документите, што и беа доставени на Македонија на 5 август. Имал информации дека ќе биде вратен од домашен притвор и затоа било организирано да се врати на Косово. Незгодна и многу лоша е и изјавата на вицепремиерот на Македонија дека не требало да биде уапсен. Тоа значи директно мешање во судството на Македонија, на што би требало да реагираат и владата и премиерот“, предупредува претседателот на Партијата на Македонците на Србија.

Тој повторува дека е непримерно да се ослободи човек кој се бара за воени злосторства и дека е нормално што Дачиќ „брзо реагирал“ поради тоа.

„Целото ова сценарио за ослободувањето е толку проѕирно и Србија едноставно чувствува дека е оштетена, длабоко оштетена, бидејќи Македонија го крши меѓународното право“, нагласува тој.

Илијевски наведува дека мора да се прочисти целото македонско судство и дека македонската државност е доведена во прашање „пред се поради балансерот“.

„Балансерот е измислен и наметнат на Македонија и покрај ставот на Венецијанската комисија која даде негативно мислење. Балансерот е измислен за Македонија и не се користи никаде во светот. Во Германија имаш пет милиони Турци кои имаат право да бидат застапени во административни институции и државни институции, а Германија тоа не го дозволува. Она што го дозволи Македонија, нема ниту едно малцинство во светот со такви привилегии. Таа привилегија на крајот резултираше со корупција на целокупниот судски систем, а тоа е најголемата болка на македонското судство, бидејќи не може да постапи“, вели Илијевски.

Тој повторува дека одлуката на судијата да испрати воен злосторник во домашен притвор е преседан и дека е неопходен реизбор на судии.

„Оваа влада мора да го исчисти целото македонско судство. Значи комплетен ветинг, како што веќе е направен во Европа, е неопходен и за Македонија. Голем, голем проблем за Македонија е балансерот, кој мора да се укине, како што беше ветено пред изборите и кој доби огромна поддршка од македонскиот народ“, вели тој.

Како преседан, тоа укажува и на неопходноста секоја национална заедница или малцинство да мора да учествува во владата на Македонија.

„Никаде во светската демократија не може некој да оди подалеку од одлуката на народот, надвор од мнозинството, со некоја сила, некој балансер, бадентер, да влезе во составот на владата. Владата одлучува врз основа на мнозинството пратеници и ова наметнување на албанските партии, дека мора да учествуваат во владата, не е демократија. Ова е наметнување на владеење на малцинствата над мнозинството. Македонија мора да биде свесна дека станува апартхејд. Самите Македонци се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава“, рече Илијевски.

Повикот на Али Ахмети дека „Македонците можат да си ја спасат државата само во соработка со албанската нација“ го смета за мешање во внатрешните работи на Македонија.

„Таа е единствената која работи на уривање на територијалниот интегритет и суверенитет, кој е загарантиран со македонскиот устав, без никој да одговара. Имате неколку примери каде албанското знаме директно задира во територијалниот интегритет не само на Македонија, туку и на соседните земји, Црна Гора и Грција. Реакцијата на нас Македонците во Србија е да ја повикаме Македонија дека единствениот правилен пат е соработката со Србија затоа што го имаме истиот проблем, го имаме истиот непријател, тоа е терористичката ОВК која и денес е активна, на која споменици и музеи има во Македонија, а музеите на загинатите борци на македонската армија и полицијата на автопатот, ден по обележувањето, ги уриваат и уништуваат“, нагласува тој.