Илија Пејовски награден за развој на џез-музиката: Ова ми значи повеќе и од „Греми“


Еден од пионерите на џез-музиката во Македонија, композиторот и аранжер Илија Пејовски, ја доби наградата за посебен развој на овој правец на музика. Наградата по вторпат ја доделува Здружението на џез-музичари и слободни уметници. симболично оваа награда му беше врачена на 30 април на Меѓународниот ден на џез-музиката. Прослава по повод овој ден се одржуваше во Младинскиот културен центар со целодневна музичка програма и џез-работилници.
Пејовски рече дека е благодарен што џезерите од земјава се сетиле токму на него.
– Верувајте, ова ми значи повеќе отколку да добиев „Греми“ – рече Пејовски при преземањето на наградата.
Прославата на Меѓународниот ден на џез-музиката се одвиваше под мотото „Today it’s all about jazz“ и беше во организација на Здружението на џез-музичари и слободни уметници.


Претседателот на здружението Гоце Стевковски го претстави и краткиот документарец за здружението и реализираните активности во текот на нивното тригодишно постоење.
– Здружението е основано со цел да ги обедини џез-музичарите и слободни уметници и да отвори нова платформа за креативно изразување – посочи Стевковски.
Во текот на денот се одржаа концерти на „Парусион квартет“, „Боперс“ и „Сетстат“, како и работилница за творештвото на врвниот американски композитор Макс Роуч. Во рамки на фестивалот, концерти одржаа и студентите од Џез-катедрата на Факултетот за музичка уметност.
Биг-бендот на ЗЏМ настапи заедно со Џон Илија Апелгрен како вокален солист, а под диригентската палка на Џијан Емин.
Се претстави и новиот квинтет „Проект 5“ (Иван Иванов – тенор саксофон, Армент Џафери – гитара, Џијан Емин – клавијатури/електроника, Оливер Јосифовски – контрабас и Гоце Стевковски – тапани).
Програмата предвиде и дел за најмладите. Годинашниот трет „Today it’s all about jazz“ започна со работилницата „Џез за деца!“, на која присутните имаа можност да се запознаат со специфичниот инструментариум, како и со дел музиката создавана во различни периоди од историјата на џезот.
На работилниците носители беа истакнати музичари и универзитетски професори: Кирил Кузманов – саксофон, Гордан Спасовски – клавир, Кирил Туфекчиевски контрабас и Благоја Антовски – тапани и удирачки инструменти.