Илија Гечев: За ИГМ поголем проблем се квотите од ЕУ отколку корона кризата


„ИГМ Трејд“ донираше 250 илјади евра, што до сега е најголема поединечна донација во нашата држава, а плати однапред и 580 илјади евра данок како придонес во борба против кризата: Илија Гечев

Владата, според Гечев, при одредување на помошта не треба да се да се заморува со големите извозни компании. Тие самите ќе го најдат својот пат. Треба да им помогне на малите и средни претпријатија

 

Мирче Јовановски

Компанијата ИГМ Трејд деновиве се најде во фокусот на вниманието на јавноста откако донираше 250 илјади евра, што до сега е најголема поединечна донација во нашата држава, а плати однапред и 580 илјади евра данок како придонес во борба против-кризата. Или, вкупно оваа кавадаречка компанија придонесе со 833 илјади евра во државниот и во општинскиот буџет, со цел поголема ликвидност за надминување на последиците од корона-кризата, давајќи пример како големите компании кога е најмногу потребно можат да бидат општествено одговорни субјекти.

Илија Гечев, сопственик и генерален директор на „ИГМ трејд“ во разговор за „Независен“ ги објаснува мотивите за оваа голема донација, а зборува и економските проблеми со кои се соочува и државата и стопанството во овие кризни времиња.

Со овој пакет помош од вкупно 51.283.385 денари (833.876 евра) сакаме да дадеме личен пример за улогата на корпоративниот сектор во македонското општество и да ги поттикнеме сите компании во државата да дадат свој придонес во борбата со корона вирусот“, вели Гечев. „Како компанија ги применуваме сите превентивни мерки доставени од здравствените власти и од Владата, бидејќи заштитата на нашите вработени и на нашите клиенти е наш врвен приоритет“, нагласува Гечев.

За Гечев, било која криза е шанса компаниите, но и државата да ги најдат сите резерви и да се престројат и по кризата да бидат посилни и поуспешни

ИГМ Tрејд по многу нешта е специфична компанија за македонски услови – речиси целото производство на квадратни и правоаголни челични профили, или околу 95 отсто, е наменето за пазарите во земјите на ЕУ и ЦЕФТА, компанијата располага со огромна површина каде што е сместена фабриката во Кавадарци, кај Неготино ја гради најголемата приватна Економска зона со дваесетина нови индустриски објекти наменети за странски и домашни инвеститори, вложува и во други дејности, како што е производство на електрична енергија од обновливи (соларни) извори… ИГМ има изнајмено објекти и зeмјиште на неколку големи странски инвестиции во земјава…

Но, ИГМ со своите околу 500 вработени најмногу се издвојува од другите домашни компании по тоа што е најголемиот македонски инвеститор во ЕУ. Во Словенија пред неколку години го купи имотот на Алпос и сега оваа компанија во сопственост на ИГМ работи успешно. Во Словенија се планира уште една инвестиција – Ладна валавница, слична на онаа што требаше да се гради во Кавадарци и која поради отпорот на екологистите е пролонгирана за наредните години. Исто така инвестира и во Петрич, соседна Бугарија, присутна е и во Швајцарија… Консолидираниот биланс на компанијата според обртот е околу 350 милиони евра.

Гечев со гордост вели дека ИГМ Tрејд е семеен бизнис во кој активно се вклучени и синот во Словенија и ќерката која е во Швајцарија. Поради придонесот за развојот на односите со Словенија, негговиот син Александар Гечев неодамна беше именуван за почесен словенечки конзул во Македонија.

Речиси целото производство ни е наменето за извоз, најголеми плаќачи сме на ДДВ, а плаќаме најмногу и данок на имот. Наш најголем проблем се квотите и антидампинг мерките во Европската унија. Затоа и инвестиравме во Словенија и во Бугарија, бидејќи тие се членки на ЕУ и за нив нема квоти, нема антидампинг“, вели Гечев. Квотата за нашата земја е просекот од продажбите од 2015, 2016 и 2017 година и таа се определува од страна на Европската комисија. По Турција, Македонија е втор извозник на цевки во Европа од земјите во светот што се надвор од ЕУ.

Поголем извозник на цевки во ЕУ од цела Русија

„ИГМ извезува повеќе квадратни и правоаголни цевки во Европа отколку што извезуваат во ЕУ руските производители“, вели Гечев. Голем проблем се и антидампинг мерките кои знае да ги донесе ЕК, како резултат на трговските војни со Кина и со Турција во кои и Македонија добива идентичен третман.

„Не може да се споредува, но во тој однос кон извозот од земји што не се во ЕУ, третманот е ист и ние ни криви ни должни имаме проблем“, вели Гечев.

И во услови на корона криза, кога многу од компаниите се соочуваат со големи проблеми во синџирите на снабдување и на продажба, ИГМ продолжи со производство и со извоз. Во согласност со препораките на надлежните, производството беше стопирано две недели, но деновиве тоа е обновено почитувајќи ги сите превентивни мерки кои ги препорачуваат здравствените власти и Владата.

„ИГМ трејд“ е најголемиот македонски инвеститор во ЕУ. Во Словенија пред неколку години го купи имотот на „Алпос“ и сега оваа компанија годишно произведува 100 илјади тони цевки

„Немаме никаков проблем со снабдувањето на репроматеријали. Ние набавуваме од Русија, Украина и од Турција, а транспортот е преку Грција. Се е како и претходно – испораките доаѓаат редовно на солунското пристаниште. Извозот кон Европа е малку успорен, но успеваме да реализираме околу 85 отсто од проектираниот извоз“, вели Гечев.

Тој додава дека во однос на транспортот се решени сите прашања, како што се потребните царински и транзитни дозволи, но и стравувањата кои во почеток оправдано ги имале возачите. Така што, во ова време на ограничено движење, камионите одат директно на граничниот премин Табановце и понатаму кон Европа.

Во однос на мерките што ги презема Владата за справување на последиците од корона кризата врз стопанството, Гечев вели дека приоритет треба да бидат микро, малите и средни претпријатија.

Големите компании во Македонија се во кондиција. Нормално, во овие три месеци може да се очекува дека ќе имаат пад на продажбата од 10 до 15 отсто, што ќе зависи колку ќе потрае кризата. Зборувам за април и мај и евентуално јуни. Нам во моментов многу повеќе ни пречи квотата, отколку корона кризата. Ние ќе имаме застој на продажбите во втората половина на мај и во јуни бидејќи ја искористуваме квотата, а не поради корона кризата. Во Словенија тоа ќе биде многу помалку, можеби ќе има застој од околу 5 отсто“, вели Гечев.

Според него, „најтешко им е на фирмите што работат и продаваат целосно во државава. Другите, што извезуваат и имаат над 70-80 отсто бизнис во странство, односно извозните и големите компании, се во поинаква ситуација и за нив Владата не треба да размислува многу. Треба да останат средства, македонскиот буџет е лимитиран и средствата се ограничени, имаме држава која е претходно задолжена, така што Владата не треба да се заморува со големите извозни компании. Тие самите ќе го најдат својот пат. Нормално во целиот свет има криза, но тие се стабилни, моќни, како ИГМ, ‘Алкалоид’, ‘Бучим’, ‘Фени’, ‘Саса’, ‘Макстил’… Сосема спротивно, тие треба да донираат и да и помагаат на државата“, вели Гечев.

И кризата е шанса

Тој вели дека во ИГМ Tрејд најтешко им било во 2008 година, за време на светската рецесија. Но, како што нагласува, и во такви околности нашле внатрешни резерви и по кризата во 2010 година компанијата излегла посилна отколку што била претходно.

За мене било која криза е шанса државата да ги најде сите резерви и да се престрои. Особено оваа Влада има предност бидејќи донесува мерки преку уредби. Сега е шанса Македонија да ги среди коцките. Многу од работите што се таложеле изминатите 30 години можат да се средат. Треба да се искористи шансата некои наталожени, нерационални, недобри решенија да се престројат. Јас само така гледам на кризата“, вели Гечев.

Покрај сопственото производство на челични профили и цевки и на опрема, „ИГМ Tрејд“ се промовира и како силен поддржувач на политиката на привлекување странски инвестиции

Тој додава дека несомнено од сегашнава ситуација сите ќе излезат со загуби, како државата, така и компаниите и граѓаните, меѓутоа филозофијата секогаш треба да биде по кризата да се излезе помоќен.

По кризата во 1929- 1932 година Америка станува сила, по Маршаловиот план Европа станува сила, по 2008 година паметните компании станаа многу помоќни од претходно. Значи, секоја криза е шанса за реорганизација. Така треба да гледа и државата. Не може во моментов да ги реши сите проблеми, но треба да размислува за порадикални реформи“, нагласува Гечев и додава дека треба да ги бараме сите внатрешни резерви и добронамерници кои предлагаат економски и бизнис решенија и реформи.

Ако се следи досегашниот развоен пат на компанијата, тогаш овие зборови добиваат уште повеќе на значење.

Приватна индустриска зона

Покрај сопственото производство на челични профили и цевки и на опрема, ИГМ Tрејд се промовира и како силен поддржувач на политиката на привлекување странски инвестиции. Во првиот приватен индустриски парк кај Неготино, на површина од 312.900 метри квадратни се предвидени дваесетина нови индустриски објекти за странски и домашни компании за долгорочен наем и продажба со вкупен покриен простор од 135.300 метри квадратни.

„Во близина на Неготино кон Демир Капија купивме земјиште за изградба на 50 мегаватна фотоволтаична централа, што е инвестиција во вредност од 35 милиони евра и за која преговараме со странски партнер за заедничко вложување 50 спрема 50“, вели Гечев. Станува збор за сериозен инвеститор од Индија, кој е реномиран производител на челик, цемент и енергија во оваа земја.

Една од клучните деловни одлуки секако е да се инвестира во странство. Во Словенија инвестицијата е над 40 милиони евра, најголемата инвестиција на македонска компанија во ЕУ. Станува збор за модерна фабрика за цевки која во сегашните услови на корона криза работи во две смени, произведува 100 илјади тони цевки и профили и прави обрт од 50 милиони евра.

Оклу 95 отсто од производството е наменето за извоз во земјите на ЕУ и ЦЕФТА

Во Словенија сега компанијата докупува земјиште каде што во наредните две години ќе изгради Ладна валавница и во што инвестира околу 90 милиони евра, како заедничка инвестиција со индиска компанија.

Словенија е во Европска Унија, таму еколошките стандарди се на многу повисоко ниво од кај нас. Такви фабрики за лимови за автомобилската индустрија се отвораат и во Германија. Тој проект требаше да се реализира во Кавадарци, но имаше проблеми, па го префрливме во Словенија“, вели Гечев.

Станува збор за целосно автоматизирано производство во кое се планира да има околу 150 вработени. Но, Гечев вели дека ИГМ не се откажува од проектот во Кавадарци. Во ИГМ Трејд инвестициите се речиси целосно завршени, комплетно е завршен објект од 35 милиони евра, педесет проценти од опремата е донесена, но поради отпорот од еколошките активисти, проектот е одложен.

„Затоа одлучивме прво да изградиме таков објект во Словенија, па откако ќе ја направиме таму, ќе биде очигледно дека тоа не е штетен објект и дека не е еколошки проблематичен и ќе градиме во Македонија“, вели Гечев, кој уверува дека воопшто не размислуваат да се откажат од инвестицијата во Ладната валавница вредна околу 60 милиони евра.

Минатата година ИГМ купи земјиште и во Петрич, соседна Бугарија, каде што ќе гради голема фабрика за цевки како во Кавадарци. Во тек е добивањето градежни дозволи и во план е летово да почне изградбата на фабриката.