Азески за АЛТА банка: Да се искористат сите законски одредби за да се заштити капиталот на граѓаните и фирмите
Да се почитуваат 100-процентно одредбите од законодавната природа кои се во моментов на располагање и да се употребат сите, енергично и брзо, за да не дојде до никакво нарушување и да се заштити капиталот на граѓаните и фирмите, порача денеска претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во врска со случајот АЛТА банка.
Како што изјави Азески, Комората и Народната банка многу пати се на различни позиции, но во случаи кои можат да влијаат на националната економија, треба да бидат обединети.
Тој останува на ставот дека македонскиот банкарски сектор е добро регулиран, но, како и секој граѓанин на оваа држава, би сакал, напомена, да види и превентивни мерки.
-Секогаш сум тврдел дека банкарскиот сектор е добро регулиран кај нас и дека избегнавме низа вакви кризни ситуации, веројатно заради тоа. Не можам да речам дека е тоа направено со 100-процентна прецизност, но не е дозволено да дојде до рушење на целиот тој систем, што не би било добро. Мислам дека и понатаму треба да опстанат силни мерки што ќе ги спречат сите можни злоупотреби на овие процеси, меѓутоа морам да кажам дека би бил среќен, како и секој граѓанин на оваа држава, да видам и превентивни мерки. Тоа значи дека се преземаат превентивни мерки, па се преземаат извршни мерки кои ја санираат ситуацијата. Капацитетот на Народната банка, и во однос на човечкиот фактор и во однос на искуството, е доволен гарант дека нема да се наруши позицијата на банкарскиот сектор зашто тоа не смее да се случи во економија како нашата која е на почетокот од својот развој, туку напротив, треба со тоа да ја гарантира позицијата на стабилност на бизнисот и задоволување на потребите од услугите што ги дава банкарскиот сектор, истакна Азески, одговорајќи на новинарско прашање по работниот состанок за деловно партнерство со скопските рурални општини.