Илхан Ќучук: Ако сега кажеме „не“, ги затвораме вратите

Слободанка Јовановска

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, бугарскиот либерал, Илхан Ќучук, очекува до крајот на декември сепак да се одржи првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија. Тој не гледа јасна бугарска позиција дека ќе се блокира Македонија, порачувајќи дека е важно прво да се донесе одлука за преговорите, а потоа да следи процес на решавање на отворените прашања. За некои прашања, смета тој, се потребни пет шест години за решавање и ако сега се рече не, па и да, нема да има развој во односите. Според него, во овој билатерален спор нема улога за Брисел и ниту Македонија ниту Бугарија имаат интерес тој да се интернационализира и да се вмеша некој како трет како арбитер.

 

Какви се вашите очекувања околу преговорите на ЕУ со Македонија откако беше преставена официјалната бугарска позиција во Брисел?

Очекувам дека до крајот на годинава ќе има прва меѓувладина конференција. За тоа работам како европратеник, за тоа работам како известувач. Очекувам исто така билатералните прашања да се решат во билатерален формат. Ни претстои состанок во рамките на Берлинскиот процес во Бугарија и до тогаш сите билатерални прашања треба да бидат рассчистени за да можат Република Северна Македонија и Албанија да добијат зелено светло.

 

Како е можно тоа по сите барања што ги слушаме деновиве од Бугарија, кои почнаа од Гоце Делчев а завршија со 11 Октомври? Според вас какви конкретни отстапки може да ја задоволат  Бугарија за да ретерира?

Секако разговорот за историјата е тежок и тој нема да заврши до 10 ноември. Поентата е да има исход од ситуацијата, јасна патна карта. За мене Договорот потпишан во 2017 година меѓу двете држави е добра основа. Во него има одговор за најважното прашање каква ни била историја – заедничка. Околу идејата за заедничка историја може да се работи на доволно јасен и отворен начин на следните чекори. Од нив двете страни треба да извлечат гаранции дека тие прашања, и историски и културни, нема да останат затворени во рамките на Договорот туку ќе се разрешат. А идејата на Договорот беше токму таква, да се надминат остатоците од минатото и да им се даде амбиција на идните поколенија да живеат во ЕУ. Сметам дека тоа е правилен пристап. Лесно е да се каже да ги оставиме овие прашања на историчарите. Јас чесно ви го кажувам ова: Да ги оставиме овие прашања на историчарите, но од друга страна ние политичарите треба да направиме што е можно повеќе да им дадеме ним јасен мандат и доволно слобода. Се разбира, како секоја наука и историската се заснова на слободната мисла и таа има конзерватизам, но сметам дека во основа на секоја добра иницијатива е добрата волја. Ако има добра волја, ќе има и резултати.

 

Дали заканите за блокада на евроинтеграцијата се вистински начин да се решат споровите меѓу Бугарија и Македонија? Каква е поддршката за бугарскиот меморандум во институциите во Брисел?

Не можеме да очекуваме Брисел да се занимава само со Северна Македонија и Бугарија. Европската комисија на категоричен начин кажа дека билатералните спорови треба да бидат решени на билатерален начин и тие нема да бидат дел од општиот преговарачки процес. Се разбира, и двете страни истакнаа дека Договорот од Преспа и претходно Договорот од 2017 година со Бугарија се добра основа за развој на добрососедските односи и затоа Европа ќе бара да се зачуваат тие и добрососедските односи. Но, јас не би му дал ниту повеќе ниту помалку улога на Брисел. Нема интерес ни во Северна Македонија, ни во Бугарија спорните прашања меѓу двете земји да бидат интернационализирани. Мој став е дека Бугарија и Северна Македонија се две многу блиски држави, кои споделуваат заедничко минато и треба да споделуваат заедничка иднина во ЕУ. И не можеме да очекуваме трета страна арбитер да ги разрешува споровите меѓу нас. Треба да се решат низ дијалог и разбирање.

 

Колку програми што се однесуваат на Македонија се блокирани во моментов од Бугарија, како што е на пример таа со ФРОНТЕКС?

Не знам и не мислам дека има други. Таму позицијата на Бугарија е јасна и се надевам дека околу тоа прашање ќе има разврска. Но, не треба да гледаме на ова еднострано или конфронтирачки. Треба да гледаме со разбирање дека, ако има проблем, тој проблем треба да биде решен место да очекуваме некој друг да ни го разреши. Политичарите затоа се политичари, да носат решенија. Сега е момент и раководството на Северна Македонија и раководството на Бугарија да го преземат својот дел од одговорноста. Направивме редица чекори со потпишувањето на договорот во 1999 година меѓу тогашните премиери Љушчо Георгиевски и Иван Костов и во 2017 година со потпишување на договорот. Мислам дека нештата може да се движат на правилен начин ако двете страни имаат интерес од тоа.

 

Европратеникот Андреј Ковачев деновиве изјави дека не е проблем ако преговорите со Македонија се одложат уште шест месеци. Како го коментирате тоа?

Голем проблем е пред сѐ за граѓаните на Република Северна Македонија, бидејќи инерцијата што се собра треба да биде материјализирана во евроинтеграција. Проблем е и за ЕУ, за нејзината кредибилност, зашто ако сака да игра клучна улога на меѓународен план неизбежно Западниот Балкан треба да биде дел од самата Унија. Проблем е и за Бугарија, бидејќи според моето сфаќање стратегиски интерес на Бугарија е да граничи со држави кои се демократски и се дел од ЕУ. Сите што се вклучени во процесот ќе бидат губитници, нема да има добитници. Ако не започнат преговорите, особено со вакво силно германско претседателство, сите ќе бидат губитници.

 

Како евентуалната блокада на преговорите од страна на Софија ќе се одрази на бугарско-македонските односи?

Јас не сум слушнал категорично „не“, дека ќе има блокада од Бугарија. Од бугарска страна официјална позиција нема. Има изразено мислење кое, колку што сфаќам, се дискутира од двете страни и има многу интензивен дијалог меѓу министрите за надворешни работи на двете земји. Но, со сигурност ќе има негативно влијание, бидејќи идејата на ЕУ не подразбира приклучување на две држави во неа и така да ги решат историските спорови, туку приклучување на два народа во еден сојуз кој споделува заеднички вредности, демократија, спроведување на законите, слобода. Спротивното е бесмислено, тоа е само аритметичко размножување.

 

Има ли иницијатива во ЕП за олеснување на ситуацијата и има ли обиди од Брисел да интервенира околу спорот?

Во моментов започна работата на резолуција во Европскиот парламент за Република Северна Македонија врз основа на извештајот. Јас како известувач ќе бидам ангажиран во тој процес и ќе бидат објективен како што бев и досега. Ќе ги вклучам актуелните тенденции и случувања во земјата, при што неспорно изборите беа добра демократска основа за продолжување на реформите, но во исто време има пат кој треба да биде изоден околу борбата со корупцијата, организираниот криминал, реформата на јавната администрација, прашања кои треба да бидат решени во наредните месеци.

 

Каде виде Бугарија територијални претензии од  страна на Македонија?

Тоа прашање може да биде расчистено. Има барање околу тоа дека Република Северна Македонија нема територијални претензии, што може да биде впишано во анекс ако треба да биде појасно.

Вашиот министер за одбрана Красимир Каракачанов се закани дека со воена единица ќе урива споменици во Македонија. Дали е ова во духот на Договорот за пријатество и добрососедство?

Ме терате да бидам политички коментатор на секој еден бугарски политичар. Јас  имам свои политички убедувања, своја политичка партија која сака Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ, да има добри односи со соседите а билатералните прашања да бидат решавани преку дијалог и разбирање. И тоа е од интерес на целиот регион, на Бугарија, и на ЕУ. Тоа е мојата позиција. А во Бугарија и во Република Северна Македонија има политичари кои сакаат земјите да не се развиваат на таков начин како што посакувам јас.

 

Стојат ли, сепак, сите бугарски европарламентарци  зад официјалната позиција за Македонија и зад меморандумот испратен во ЕУ?

Генералниот став на бугарските европарламентарци е дека Република Северна Македонија треба да биде членка на ЕУ. Од тука натаму секоја политичка партија има свое разбирање и однесување кон прашањето. Нема како колегите да бидат рамнодушни кон вашата земја, и обратно. Ние сме соседни држави и нормално е да се интересираме најмногу едни за други.

Мојата цел е да биде подготвен добар извештај и да оди земјата напред. А, тоа не е нешто што се решава од денес за утре. Некои нешта се решаваат, на пример, за пет шест години, има време. Прво да се донесе одлука, а потоа ќе се движиме напред. А, ако сега кажеме да или „не“, ги затвораме вратите. Треба да има процес, да има развој.