ДУИ притиска: Нема да има влада без пратеници од Европскиот фронт


Европскиот фронт, предводен од ДУИ порача дека овие избори претставуваат референдум за европската иднина на земјата, а поддршката од европските партнери е поголема од кога било и ова е момент и можност што мора да се искористи. Според нив, ниту една политичка гарнитура нема да се формира без пратениците на Европскиот фронт, бидејќи, како што велат, тие се вистинските претставници на албанскиот, турскиот, бошњачкиот, ромскиот народ и сите претставници во оваа платформа.

Техничкиот министер за информатичко општество и администрација Наим Бајрами, од редовите на ДУИ денеска на прес-конференција изјави дека секоја политичка авантура, како што е најавената коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција „Вреди“, може да биде ризична за иднината на државата.

– Значи, не може некој да го одбие легитимитетот на другата страна, а притоа да бара легитимитет од нивниот народ кој тие го претставуваат, затоа што ние сме консоцијална демократија која се појавува како консензус демократија и ние ќе продолжиме така да функционираме. Друго никако поинаку. Секоја таква политичка авантура ќе биде ризична за европската иднина на оваа држава и за сите политички околности што ќе се случуваат после 8 мај. Бидете сигурни дека ниту една политичка гарнитура – владејачка гарнитура нема да се формира без пратениците на Европскиот фронт, затоа што пратениците на Европскиот фронт се вистинските претставници на албанскиот народ, на турскиот народ, на бошњачкиот народ, на ромскиот народ и на сите народности кои се претставени во оваа платформа, во оваа изборна програма Европа 2023-2030 година. Бидете сигурни дека политичките авантури неславно ќе завршат, а народот на крај ќе победи, изјави тој одговарајќи на новинарско прашање.

Според него, никој не може да го негира целиот политички капитал создаден со години.

– Не може тоа ни Христијан Мицкоски ни кој било друг. Од друга страна, не сакаме ни ние тоа да го направиме на другата страна реално. Тоа е консоцијалната демократија, претставени сите сегменти на општеството во политичката власт, во системот. Значи, нешто е сигурно – фактичката состојба секогаш ја детерминирала правната состојба. Никогаш не било поинаку. Во одредени моменти било, меѓутоа завршило неславно  и завршило многу лошо, вели Бајрами.