Илхан Ќучук: Многу брзо е можен успех ако Скопје и Софија продолжат со позитивната соработка


– Последниве месеци Северна Македонија и Бугарија изградија неколку позитивни примери за соработка и ако се продолжи во таа насока, многу брзо ќе биде постигнат успех, изјави копретседателот на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ), европратеникот Илхан Ќучук.

На средбата со премиери и министри на земји членки и со претставници на Унијата, членови на АЛДЕ, пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, Ќучук оцени дека „внатрешната политика може да го ограничи просторот за маневрирање во надворешната политика“ кога станува збор за односите меѓу Скопје и Софија, но сепак изрази надеж дека се надева оти билатералниот спор помеѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде решен што е можно поскоро, за да не се попречува целиот процес на проширување на ЕУ.

Учесниците на средбата повикаа на целосна интеграција на земјите од регионот во ЕУ до европските избори во 2029 година.

На средбата на либералните лидери е оценето дека Самитот во Брдо кај Крањ се одржува во време „на стагнација во процесот на проширување на ЕУ, бидејќи Бугарија и Северна Македонија се уште не постигнале компромис за спорните прашања“, но и во услови на тензични односи помеѓу Косово и Србија, кои „одново потсетија колку е кревок мирот во регионот“.

На состанокот со Ќучук присуствуваа премиерите на Белгија, Александар де Крој, на Естонија, Каја Калас, на Ирска, Мишел Мартин, на Луксембург, Ксавиер Бетел и на Холандија, Марк Руте, францускиот министер за европски прашања Клемент Бон, претседателот на Европски совет Шарл Мишел, еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчиќ и првиот човек на Европската инвестициска банка, Вернер Хојер.

АЛДЕ претходно усвои политички документи кои повикуваат на целосна интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, врз основа на индивидуални заслуги и исполнување на критериумите од Копенхаген.