ИЈЗ со мерки за заштита од отпадот
Директорката на Институтот, Марија Андоновска кажа дека во овие услови кога Комунална хигиена не си ги врши обврските, во чистењето вклучени се и други општини за да може да се тргне отпадот кој го има. Таа појасни дека постапиле во најкус можен рок, откако ги добиле извештаите од инспекторите, затоа што ИЈЗ нема свои инспектори.
Денеска, по повеќе дена голгота низ Скопје со отпадот кој се прелева од контејнерите ИЈЗ ги донесе следните мерки:
Препораки и мерки од ИЈЗ согласно актуелната состојба со отпадот во Скопје
Препораки до населението:
-Да се одржува лична хигиена (користење на ракавици, маска, миење раце, користење дезинфициенс за раце после фрлање на отпад)
-Совесно одлагање на отпадот (во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин а не во контејнерите и сл.)
-Внимателно ракување, селектирање, собирање и фрлање на отпадот
-Затварање на капаците на кантите при фрлање на отпадот
-Да се избегнува физички незаштитен контакт со отпадот
-Да се избегнува стагнирана (застоена) вода и исцедок од отпадот
-Внимание при излегување со домашни миленици да не дојдат во допир со отпадот и исцедок од истиот
-Да не се фрла отпад надвор од одбележаните места за собирање на истиот
-Да не се фрла отпад на нелегални депонии
-Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита)
МЕРКИ
Непосредни, брзи и акутни
– Итно и неодложно отстранување на одложениот и расфрлан отпад во и надвор од контејнерите со сите расположиви технички, човечки и финансиски ресурси;
– Итна мобилизација за собирање и отстранување на најголемите купишта во населени места со најголема изложеност; приоритет: болници, домови за стари лица, основни и средни училишта, паркови и игралишта;
– Итно, вонредно испирање, дератизација, дезинфекција и дезинсекција на местата со расфрлан отпад и контејнерите;
– Каде не е можно ова, да се постават физички времени бариери (мрежи) за да се спречи пристапот на глодари и улични животни;
– Дислокација на контејнерите – подалеку од почести патики на движење на луѓето и особено подалеку од детски игралишта, училишта, градински или здравствени институции;
– Редовен транспорт и празнење на контејнерите (минимум еднаш дневно во погусто населените делови од градот);
– Задолжително затворање на капаците на контејнерите;
– Итна набавка на потребната опрема особено соодветен број на контејнери (механизација во континуитет);
– Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита) вклучително и задолжителна вакцинација; тренинг за правилно ракување и известување за повреди;
– Интензивен надзор за заразни заболувања: засилено пријавување со епидемиолошко истражување (фокус на дијареи, случаи на лептоспироза, хоспитализирани пациенти со зоонози и слично);
– Едукација на населението за здравствените ризици поврзани со овој проблем и препознавање на симптомите поврзани со истото;
– Јавна комуникација: предупредувања и практични совети до граѓаните (лична и колективна хигиена, како да ја чуваат храната, да избегнуваат стагнирана вода, да избегнуваат физички контакт со отпадот или исцедокот, како да пријавуваат нелегални депонии).
Долгорочни мерки
– Интегриран систем за управување со комунален отпад (редовно отстранување, навремена набавка на потребна опрема, контејнери и механизација);
– Имплементација на систем за управување со цврст отпад преку смалување, повторна употреба, рециклирање и регенерација;
– Постојана едукација на населението за примарна селекција на отпадот, во најмала рака на органски и неоргански отпад и совесно одлагање на отпадот (во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин а не во контејнерите и сл.);
– Образовни програми за граѓаните и вклучување на локалните заедници во решавање на проблемот (на пример, механизми наградување за селекција/откуп).
– Контролни и регулаторни политики – казнување за несовесно одлагање на отпадот, чести локални инспекции, програми за често и редовно чистење на јавните простори и улици (прво механичко отстранување на отпадот со метење, потоа миење).
Препораката за миење раце иако е општо позната, а денеска беше повторена од лекари во ИЈЗ. Епидемиологот Драган Кочински, кажа со кои болести е соочено населението.
„Цревни заразни заболувања, вектор-преносливи болести кои може да се пренесат преку муви и комарци и болести што ги пренесуваат глодарите. Овде се и салмонелози гастроентероколити. Засега немаме пораст на вакви случаи. Глодарите може да пренесат туларемија, хеморагична треска, лептоспироза – овие болести веќе сме ги регистрирале и може да се зголемат во овој период. Сè додека има услови за размножување на глодарите, ќе се зголемува нивната популацијата, а тоа е ризик за ширење на болести“, рече Кочински.
Д-р Мирјана Димовска кажа дека целта е заштитата на јавното здравје.
„Во фокусот ни се децата, постарите лица, хронично болните и бремени жени кои се највулнерабилни кои се најчувствителни на овој хазард. Имавме случај со каснување на дете од глодар, и оттаму е апелот до институциите да си ја работат работата и да спречат поставување контејнери до училишта или здравствени институции, кои треба да имаат посебни услови за работа и опстојување. Училиштата треба да постават дезинфекциски бариери пред праговите на училиштата, а децата редовно да ги мијат рацете. Директорите да постават и слики адаптирани на возраста како правилно се мијат раце. Ако некој дојде во контакт со исцедокот од контејнерите, без оглед на возраста, да измие раце. Мерките се и индивидуални и колективни. Треба висока свест, но и менаџирање со отпадот. И потребно е конечно да се воведе селекција во нашите домови, органскиот и нерганскиот отпад не треба да одат во иста ќеса“, вели Димовска.
„Во вторникот Владата донесе задолжение, задолжи институции ИЈЗ и МВР, Државен комунален инспекторат, Државен санитарен и здравствен инспекторат да бидат група која ќе ги разгледа состојбите со отпадот. Во средата, претставници на сите овие институции беа на состанок и добивме насоки во рамки на нашите надлежности да постапиме. Во текот на истиот ден добивме сите институции од Обвинителството конкретна насока која се однесува на секоја институција посебно. Денеска постапивме по сите записници кои ги добивме од инспекциските служби кои направиле увид“, информира Андоновска.
Надлежните во ИЈЗ информираа дека во моментов епидемиолошката состојба е стабилна. Рекоа дека секоја заразна болест има инкубациски период, кој трае во некои случаи и по две недели.