Игор Јосифов со уметнички перформанс во Темишвар


Уметникот Игор Јосифов, во рамките на проектот „Консуларт“ во почесниот македонски конзулат во Темишвар, се претстави со перформанс и изложба насловени „Огнот внатре“.
Кустос на изложбата беше романскиот уметник Циприан Чирилеану, кој направи и звучни инсталации инспирирани од огнот.
„Локациите што се избрани за овој проект се административни, претежно со дипломатски мисии, но сега ги гледаме во поинакво издание. Навистина е тешко да се организира уметнички настан во дипломатско претставништво каде што има строги правила. Но, тоа е и предизвик“, вели Чирилеану.


Проектот има за цел да ги спојува романските уметници со уметниците од другите земји, но и да промовира нови локации погодни за создавање уметност. Токму прва локација за „Консуларт“ беше зградата во која се наоѓа македонскиот почесен конзулат. Таа зграда датира од 18 век и е лоцирана во историскиот центар.
„Проектот е интересен од два аспекти. Прво, романските уметници имаат можност да се соочат со странските уметници и заедно да креираат дела. Од друга страна, преку уметноста се промовираат и локациите како простор погоден за творење. Оваа зграда (Мерси палас) во која се наоѓа конзулатот му припаѓала на гувернерот на Банат. Тој ја избрал токму неа бидејќи во тоа време само таа зграда имала балкон. Подоцна зградата се користела и како затвор“, појаснува Павел Ернест Дупта, почесен конзул на Република Северна Македонија во Темишвар.
„Консуларт“ претставува копродукција со здружението „Дипломатик арт“ и е дел од програмата „Темишвар 2021“ – Европска престолнина на културата што ќе се одржува до 2022 година.