ИФКК: Јоргос Арванитис е вториот лауреат на Златна камера 300 за животно дело
На денешната трета прес конференција посветена на јубилејното издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаkи“ директорката на Фестивалот, Гена Теодосиевска го објави вториот лауреат на Златна камера 300 за животно дело, светски познатиот кинематографер Јоргос Арванитис.
„Оваа година и двајцата добитници на наградата за животно дело ќе бидат во Битола и Златната камера ќе им биде доделена на отворањето и на затворањето на Фестивалот во Битола и на тој начин ќе го означиме почетокот и крајот на 40-тото издание на најстариот филмски фестивал во Република Северна Македонија. Јоргос Арванитис е грчко – француски или француско – грчки кинематографер кој работел со големи филмски имиња, но и со оние кои допрва доаѓаат“, рече Теодосиевска.
Добитник на „Златна камера 300“ за животен опус е и водечкиот американски и светски кинематографер Едвард Лакман.
Присутните имаа можност да ја слушнат видео пораката на Јоргос Арванитис кој се заблагодари за наградата и рече дека за него е голема чест да биде лауреат на еден толку стар и почитуван филмски фестивал како што е „Браќа Манаки“.
На прес конференцијата се обрати и Константинос Прокакис, советник за медиуми и комуникација во Амбасадата на Република Грција, кој им се заблагодари на организаторите што го поканија на средбата со новинарите и изрази задоволство за изборот на лауреатот.
„Многу сме благодарни и почестени од оваа покана. Сакам да истакнам дека во односите помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија, во последниот период е постигнато повисоко ниво на наше меѓусебно разбирање и мислам дека филмот и филмската индустрија е многу добра стартна точка. Исто така, многу сме почестени што Фестивалот, како многу позната и со голема историја институција, одлучи да го награди грчкиот кинематографер Јоргос Арванитис, а тоа ја удојува почеста и за Грција и за добитникот“, рече Прокакис, кој најави нов грчки фестивал во Скопје.
Емануел Рембер, директор на Францускиот Институт во Скопје и советник за култура во Амбасадата на Франција рече дека има три причини за среќа што токму овој кинематографер е избран за добитник на Златната камера 300.
„Првата причини е уметничка и суштинска а тоа е што одлучивте оваа значајна награда да ја доделите на еден голем уметник. Преку тоа покажавте дека по потпишувањето на Преспанскиот договор се културните врски се особено важни и ни помагаат да ги надминеме сите потешкотии што можеби ги имаме. Во понеделникот го посетив Францускиот институт во Солун и заеднички се обидовме да осмислиме културна и образовна програма со цел граѓаните на двете земји, особено младите, ги зближиме преку културата и францускиот јазик. Третата причина за моето задоволство е што одбравте еден синеаст којшто е Грк, кој живее во Франција и кој е франкофон, затоа ви кажувам едно големо браво и ви посакувам убав фестивал“, рече Рембер.
Директорката Теодосиевска информираше дека и Масимо Леки биографот на Арванитис ќе дојде и во Битола и ќе го води мастер класот.
-Нема потреба да се истакнува дека Арванитис е големо име на грчката и светска кинематографија, особено со неговиот соработник големиот режисер на европскиот и светски филм Тео Ангелопулос “, рече Благој Куновски – Доре, уметнички директор на Фестивалот. „Практично тие направија декалог како што Кишловски направи за Полска. Кога се работи за тандемот Ангелопулос – Арванитис тоа е патување низ историјата, најчесто фрустрациите и траумите од окупацијата на фашизмот, потоа ослободувањето, обајцата се нескриени левичари со прогресивни сфаќања и практично се’ започна со филмот од 1970 –тата година „Реконструкција“, рече Куновски.
Тој истакна дека тие двајца направија декалог филмови од кои многу се ремек дела, најчесто промовирани на Канскиот филмски фестивал и во 1998 година ја добија Златната палма за филмот „Вечност и еден ден“. А ја истакна и соработката на Арванитис со легендарниот режисер Коста Гаврас.
Директорката Теодосиевска информираше и за новите соработки на ИФФК „Браќа Манаки со фестивалот „Bacal“ од Барселона и со „Short waves“ од Познањ, Полска и уште еден детски фестивал од Чешка, кои ќе ја збогатат програмата на „Браќа Манаки.
Исто така, од денска, најдобрите европски филмови кои биле дел од програмата на „Браќа Манаки“ го почнуваат своето патување низ градовите во Македонија.