Иако е забрането со закон, контејнерите се полнат со градежен шут


Практиката градежен отпад да се одлага во или до најблискиот контејнер не е непозната во главниот град, а најновиот пример доаѓа од Општина Ѓорче Петров, каде што граѓани го наполниле контејнерот со цигли. Во општината Ѓорче Петров екипите на ЈП „Комунална хигиена“ регистрираа големо количество неправилно одложен градежен отпад во контејнерите поставени на улицата „Црвена армија“, во близина на стадионот, соопштија од комуналното претпријатие. Градежниот отпад може трајно да ги оштети контејнерите и специјалните комунални возила и на тој начин да предизвика финансиска штета за претпријатието, но и сериозни проблеми при собирањето и транспортот на комуналниот отпад во градот Скопје, укажуваат од ЈП „Комунална хигиена“.

Информираа и дека според Законот за јавна чистота, отпадот што се создава при извршувањето на градежните активности или реновирањето на живеалиштата, не смеат да го одлагаат во контејнерите и кантите поставени на јавни површини.

Законот за јавна чистота вели дека јавни површини и отворени простори на јавни објекти се улици, тротоари, велосипедски патеки, плоштади, кејови, подвозници, надвозници, мостови, паркиралишта, скалила кои ги поврзуваат површините на јавен сообраќај, градски паркови, парк-шуми, улични тревници, видиковци, гранични премини, железнички, автобуски, бензински и такси станици и други објекти на комуналната инфраструктура, јавни телефонски говорници, зоолошки градини, градски гробишта, сајмишта, пазари, магацини и складишта, спортско рекреативни објекти (стадиони, хиподроми, стрелишта), јавни капалишта и отворени простори околу други јавни објекти. „На отворените простори на јавните објекти, освен на местата определени за фрлање и оставање на смет, се забранува фрлање и оставање на предмети од домаќинства, лисја, гранки и корења од растенија, песок, отпадоци од градежен материјал, разни видови на амбалажа и други отпадоци, освен на местата определени за таа намена“, се додава во Законот.

Сепак, сликата во градот е сосема поинаква, па на многу од горенаведените јавни површини честопати се забележуваат купишта градежен отпад. Законот за јавна чистота и Законот за управување со отпадот велат дека оној што реновира или гради, сам треба да се погрижи за правилно одлагање со градежниот шут, односно, додека се гради, фирмата треба да обезбеди собирање на шутот, но и да обезбеди прскалки, кои ќе го мократ околното земјиште за да се намали количината прашина која се шири во воздухот.

„Правните и физичките лица кои при изведувањето на градежни, преработувачки, занаетчиски работи и други дејности создаваат инертен отпад (градежен шут) кој нема својство на комунален отпад, се должни сами да го соберат и да го транспортираат отпадот на места определени од општините и градот Скопје или истите да ги предадат на овластени правни и физички лица кои собираат и транспортираат отпад“, стои во Законот за управување со отпадот.

Поголемите градежни фирми се придржуваат кон ова законско решение, но граѓаните кои самостојно реновираат само дел од живеалиштето не ги почитуваат законските одредби. Едноставно, не сакаат да платат превоз за отпадот, што чини од 700 до 2.000 денари.

Според Законот, градежниот отпад од Скопје единствено се одлага во депонијата „Дрисла“, но таму завршува само градежниот шут од поголеми градби, додека пак оној помалиот, кој е резултат на реновирање, преградување, уривање…. најчесто завршува во или околу контејнерите или на некоја дива депонија покрај пат, река, шума, парк и слично.

Инспекцискиот надзор го вршат општинските комунални инспектори, односно комуналните инспектори на градот Скопје. Глобата од 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице, доколку правилно не го одложи отпадот, што е должен да ја плати во рок од осум дена, а ако тоа не го стори, казната се зголемува трипати. Секако, тоа не го ослободува од обврската да го отстрани ѓубрето од несоодветното место каде го фрлил.

„Општинскиот комунален инспектор, односно комуналниот инспектор на градот Скопје, униформираниот полициски службеник и комуналниот редар можат да му предложат на сторителот надминување на последиците од прекршокот да се стори со вршење или сторување на општокорисна работа во траење од најмалку 24 работни часа или доделување на средства за вршење на општокорисна работа на општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје. Собраните средства се користат наменски за одржување на јавната чистота“, стои во Законот за јавна чистота.

Но, во пракса, ова останува неказнето, затоа што има премалку комунални инспектори, а и граѓаните најчесто фрлаат отпад во ноќните часови, кога никој не ги гледа.(Б.Б.)