И во Хрватска драстично поскапеа горивата – дизелот е поскап од бензинот
Пред бензинските пумпи во понеделникот вечерта имаше редици поради новото поскапување, а хрватските граѓани известуваа дека некои пумпи останале без гориво
И во Хрватска од денеска горивата се значително поскапи, па така, Еуросупер 95 сега чини 12,18 куни за литар (1,61 евро) , а за литар Еуросупер 100 ќе треба да се платат 13,11 куни (1,73 евра). И дизелот има нова цена и сега чини 12,51 куни (1,65 евра) за литар за обичен и 13,56 куни (1,79 евра) за класа плус.
Наместо замрзнување на цените, што беше случај досега, Владата одлучи да ја фиксира маржата и да ги намали акцизите.
Поради новите, повисоки цени на горивата, во понеделник имаше долги колони и колони автомобили пред бензинските пумпи, јавија хрватските медиуми. На некои бензински пумпи во Шибеник, Задар и Копривница, снемало гориво.
Ако се споредат цените кои важеа до понеделник, просечниот резервоар од 50 литри бензин поскапува за 41 куна (5,42 евра), а дизелот за 62 куни (8,19 евра).
На прашањето што ќе се случи доколку цените на горивата продолжат да растат, хрватскиот министер за економија Томислав Ќориќ за ТВ Нова одговори дека владата навремено ќе реагира.
Хрватските медиуми исто така јавуваат дека редиците пред бензинските пумпи во нивната земја нашле место и во Русија. Руската агенција РИА Новости објавила фотографија од Загреб.
„Возачите стојат во редици на бензинска пумпа во Загреб за да ги наполнат резервоарите пред да се зголеми цената на горивото“, стои во описот под фотографијата на АФП.
Таа го илустрира коментарот со наслов „Европа почна да сфаќа колку скапо ќе плати за санкциите против Русија“, во кој пишува за влијанието на западните санкции врз Русија, а потоа и врз европските економии, пренесува „Дневник.хр“.
Во текстот се наведува дека почетната еуфорија на Запад поради мерките стивнала и дека почнуваат да се разгледуваат последиците.
„Во многу блиска иднина за европските граѓани кои едвај закрепнаа од пандемијата, цената на горивата нагло ќе скокне. Литар бензин ќе ја пробие границата од две евра“, пишува меѓу другото и се додава дека ќе поскапат и металите, житото…
Во текстот се споменуваат и компании кои го напуштиле рускиот пазар, заклучувајќи дека може да се живее без чантите „Луј Витон“, но не и без леб.