И Таравари како ВМРО-ДПМНЕ, ќе бара гаранции од ЕУ
Таравари како претседател ќе бара излегување на Македонија од Отворен Балкан, дејугославизација на Армијата на Македонија и на Агенцијата за разузнување, дисциплинирање на судиите и затворање на проруските медиуми
Претседателскиот кандидат на албанската коалиција ВРЕДИ, Арбен Таравари, најави денес дека ќе бара гаранции од високиот претставник за надворешна политика на ЕУ дека, по уставните измени, нема да има нови барања за Македонија надвор од Преговарачката рамка за започнување преговори. Со оваа најава тој практично отвори врата за постизборна коалиција на ВРЕДИ со ВМРО-ДПМНЕ, која настапува со ист став во програмата, иако идната влада ја услови со изгласување на уставните промени во земјата. Или, како што рече, мандатот за формирање на влада ќе го довери на партијата или партиите кои ќе докажат дека имаат мнозинство во Собранието, барајќи од мандатарот временски ограничен план за реализација на уставните измени – иако тешко дека има уставна измена да ги условува на ваков начин и самиот да избира на кого да му даде право да формира влада.
Ваквата најава Таравари ја даде денес на презентацијата на неговата изборна програма која, како што рече, почива на четири главни столба: Северна Македонија интегрирана во регионот и во Европа, Северна Македонија произведувач на безбедност,Северна Македонија како правна држава и Северна Македонија како консензуална демократија.
-Европската унија е наша неоспорена цел, единствен пат кон стабилност и кон одржлив развој, рече тој пред да излезе со најавата за барање гаранција од ЕУ. Околу регионалната соработка рече дека ќе биде базирана на вредностите што ги застапува коалицијата, а во тие рамки Косово како независна, суверена и регионална држава.
Понатаму, тој најави некои радикални позиции, од тоа дека ако стане претседател ќе се заложи веднаш за излегување на Македонија од Отворен Балкан, за дејугославизација на Армијата на Македонија и на Агенцијата за разузнување, за крај на енергетската зависност од Русија, па и за дисциплинирање на судиите и обвинителите и затворање на проруските медиуми, иако се заложи за слобода во оваа сфера.
-Тоа што нема директна закана сега не значи дека Русија не е закана за нас додека сме енергетски зависни и подложни на хибридни закани, оцени Таравари, цврсто порачувајќи дека ЕУ, САД и НАТО се наши незаменливи сојузници, дека со ЕУ целосно ќе ја усогласи нашата надворешна политика вклучувајќу ги и санкциите кон Русија и дека Македонија ќе придонесува во заедничката борба кон руската закана и агресија во Украина. Во тие рамки тој рече дека ќе се залага за буџет од 2 отсто за одбраната во наредните години и за задржување само на професионални кадри во Агенцијата за разузнување во рамките на политиката за дејугославизација.
-Наш најголем непријател не е надворешниот туку внатрешниот, кој не држи во заложништво како држава и ги брка младите. Тоа е корумпираниот политички и судски систем и затоа ќе предложам до Собранието да усвои реформски пакет кој ќе вклучува ветинг за судиите и јавните обвинители, реформа на изборниот систем, унапредување и дисциплинирање на судиите и обвинителите и целосна дигитализација на институциите, најави Таравари.
Во тој контекст тој најави и иницијатива за поништување на измените на Кривичниот закон од 2023 година кои ги нарече антиевропски и штетни и вети дека, ако стане претседател, нема да потпишува лабави закони кои ја одалечуваат земјата од европските стандарди.
-Во земјата има тројна криза-политичка, економска и етничка која влијае на растот на евроскептицизмот, на растот на екстремните наративи и на политиката на консензуална демократија, беше уводот на Таравари за најавата дека ќе работи на продлабочување на ова последното „во духот на Арбен Џафери“ кој му бил идеен водач (патем Џафери беше тој што ги пишуваше барањата за Рамковниот договор). Во тој контекс тој го повтори познатото барање за консензуален претседател, т.е. избор на претседател во Собранието и со Бадинтерово мнозинство, при што во два круга ќе се бара двотретинско мнозинство а во третиот само просто. Го повтори и барањето за бришење на „20 отсто“ од Уставот и за промовирање на албанскиот јазик во официјален на територијата на цела земја и на исто ниво со македонскиот.
-Како претседател ќе направам се Северна Македонија да биде безбедна и европска земја со прозападни вредности , вети Таравари. Зад него на паното се вртеше името на трите партии од коалицијата вклучувајќи ја и Алијансата, иако судот вчера пресуди во корист на крилото на Зијадин Села, така што Таравари остана без партија.