И Србија дава државјанство на странски инвеститори

Српската влада неодамна донесе одлука за прием во српско државјанство на Керем и Абдулвахап Сојлемез, сопственици на турската компанија „Soylemez Rubber & Plastic“, кои отворија фабрика во Житораѓа во која се произведуваат делови за автомобилската индустрија, дознава „Блиц Бизнис“.
Ова практично значи дека српските власти ја продолжуваат практиката, која е присутна во последниве години, да им даваат на странските инвеститори, покрај субвенциите како поттик за отворање на фабрика, и српски пасош, со што им покажува дека ги почитуваат нивните инвестиции, пишува „Блиц“.
Така, покрај турското, членовите на семејството Сојлемез ќе имаат и српско државјанство, а основата за таквата одлука е предвидена со Законот за државјанство. Членот 19 од овој документ јасно дефинира дека српските државјани можат да станат и странци чиј „прием во државјанство на Република Србија би бил од интерес за Република Србија“.
Станува збор за бизнисмени кои во 2017 година отворија фабрика која произведува делови за автомобилската индустрија. Тие дојдоа таму врз основа на договор со Владата на Србија, која им даде субвенции во износ од 1.120.000 евра како поттик да отворат погон во оваа неразвиена општина. Овие средства за поттик им беа дадени во три транши, во 2017, 2018 и 2019 година, а нивната обврска беше да вработат најмалку 160 работници на неопределено време во период од три години. Тие го сторија тоа и планираат да го прошират производството и да го зголемат бројот на вработени во наредниот период.
Инаку, на списокот на странци кои добиле српски пасош е и американскиот милијардер Роналд Вејн Баркл, кој е еден од најистакнатите инвеститори во секторите малопродажба, дистрибуција, технологија, како и во индустријата за забава, спорт и угостителство. Тука е и Матар Сухаил ал Дахери, клучен човек за инвестиции во Србија на емиратскиот шеик Мохамед бин Зајед ал Нахјан, кој има неколку компании во Србија. Сопственик на црвен пасош е и поранешниот премиер на Романија Виктор Понта, но и тајландската премиерка Јинглук Шинаватра, која доби српско државјанство откако беше осудена на пет години затвор за корупција во нејзината земја. Некои светски актери како Ралф Фајнс, Стивен Сигал, но и многу спортисти истто така имаат српски пасоши.