И Скопје се најде во „големата турска епопеја“ на Ердоган

Во ноќта на обидот за државен удар на 15 јули 2016 година вистината дека Турција е поголема од самата Турција повторно беше јасно и многу силно разбрана“, рече Ердоган на одбележувањето на деветгодишнината од пропаднатиот обид за државен удар


 

(Од нашиот известувач)

АНКАРА – „Таа ноќ  ја почувствувавме вистинската смисла на тоа што значи да бидеме една заедница. Славата што се читаше во Истанбул одекна и во Скопје, во Пакистан, во Индонезија… Нашиот народ напиша славна епопеја што  со гордост ќе се памети до Судниот ден“, порача денес во својот говор по повод 9-годишнината од неуспешниот државен удар во Турција, претседателот Реџеп Таип Ердоган.

„Го видовме тој ден нашето големо братство. Тој ден видовме дека Турција е поголема од нејзините граници. Таа ноќ покажа колку сме обединети како нација, ја покажа нејзината свест и решеноста“, рече Ердоган во свечената сала на турското Собрание, пред многу преставници од турскиот естаблишмент, околу 200 новинари и негови следбеници. Со цврст глас и со самодоверба тој го повтори она што е официјален наратив околу неуспешниот државен удар за кој се обвинети, како што ги опишуваше, терористите и предавниците на Фетула Ѓулен и неговата организација ФЕТО.

Според оценката на турскиот претседател неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година е една од најкритичните пресвртници во историјата на Турција и тежок тест што државата и нацијата го надминале со гордост.

„Во ноќта на обидот за државен удар на 15 јули 2016 година, вистината дека Турција е поголема од самата Турција повторно беше јасно и многу силно разбрана“, рече тој.

Ердоган ја пофали нацијата за отпорот, додавајќи дека треба да го одржат единството што беше прикажано пред девет години за да ги надградат напорите Турција да стане земја без тероризам, осврнувајќи се притоа на тековниот процес каде што терористичката група ПКК започна со разоружување минатата недела.

Во својот говор, Ердоган го спореди отпорот против обидот за државен удар со она што се случи во Чанаккале пред повеќе од еден век, осврнувајќи се на епската борба на турската армија против напаѓачките сили во северозападната турска покраина, за да се спротивстави на сојузничките сили кои се обидуваа да го поминат теснецот и да стигнат до отоманската престолнина, Истанбул. 

„Во ноќта на 15 јули, нацијата создаде епопеја кој засекогаш ќе се памети со гордост. Тоа беше најновиот пример за силата и неповредливоста на една нација сè додека стоеше како една и обединета“, рече Ердоган.

Тој истакна дека таа ноќ, Турција ги победи „тие кои ја продадоа својата душа“, осврнувајќи се на членовите на ФЕТО. „Заговорот на водачот на ФЕТО, кој е погребан во јама по неговата смрт како лице без државјанство, беше осуетен од храбриот став на нашата нација“, додаде Ердоган. (Водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, почина во Пенсилванија, САД, во 2024 година, откако помина години таму).

„Го исушивме мочуриштето во кое се обидоа да ја турнат нашата земја. Нашата нација спречи обид за окупација на земјата. Тоа беше критична пресвртница во нашата историја. Некои овој свет отпор го нарекуваат театар, игра, сценарио, но тие ќе останат запаметени со срам“, порача претседателот. 

Кемал Ататурк и Реџеп Таип Ердоган

Ердоган рече дека 15 јули е исто така лакмус тест кој ги разоткри оние кои се спротивставија на пучот и оние „кои го поддржаа“.

„Нашите маченици и ветерани се спротивставија на терористите облечени во воени униформи, додека други тврдеа дека тоа е театар, дека е сценарио… Некои пиеја кафе гледајќи го обидот за државен удар, чекајќи да видат што ќе се случи следно“, рече Ердоган, со малку прикриени алузии кон главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП).

Актуелниот претседател на ЦХП, Озгур Озел, беше меѓу оние што брзаа кон парламентот за да го изразат своето противење на обидот за државен удар, но партијата долго време се држеше до дискурсот дека обидот за државен удар бил заговор од страна на државата, а не од страна на ФЕТО. Претходникот на Озел, Кемал Киличдароглу, бил фотографиран како ужива во шолја кафе додека го гледаше обидот за државен удар на телевизија. 

Претседателот им се заблагодари на пратениците што се залагаа за демократијата таа ноќ.

„Им се заблагодарувам на сите пратеници без оглед на нивната политичка припадност. На крајот на краиштата, жртвите на нашите маченици и ветерани не беа залудни. Турција без терор, која ја градиме чекор по чекор, ќе биде нивно наследство“, рече тој.

Изложба посветена на настаните околу 15  јули во дел од Парламентот што бил бомбардиран од пучистите 

Според официјалните бројки, од јули 2016 година се уапсени 390.354 осомничени лица, а во 289 случаи се изречени 3.000 доживотни казни затвор. Од 1.891 осудени за „учество во вооружена терористичка организација“, 26 беа генерали и адмирали, а 776 беа офицери.

Сепак, Хакан Фидан, сегашен министер за надворешни работи, денес во порака рече: „Нашата држава, која ја откри подмолната агенда на ФЕТО, ја гони оваа терористичка организација каде и да се засолнила и решително презема секој чекор во секој агол од светот за да ги изведе сторителите пред лицето на правдата. Секој обид да се наштети на Турција е осуден на неуспех во иднина, исто како што беше и во минатото“, рече тој. 

Странските новинари пред турското Собрание во Анкара

Одбележувањето на годишнината овојпат е под мотото  „Името на победата: Турција“, а поради овој повод  беа поканети над 200 новинари, од кои 12о од странство, односно од 41 земја – од Јужна Кореја, САД, Русија, преку Балканот, Европа, па до Џибути, Камерун и други земји во Африка.    

По обраќањето Ердоган од следбениците беше испратен хаотично бидејќи сите сакаа да го поздрават и да се фотографираат со него, така што во еден момент ќе изгубеше рамнотежа од турканицата и покрај многуте телохранители.

Одбележувањето почна со изведба на турската химна, а потоа со молитва така што Парламентот заличи на џамија, но тоа беше поздравено од присутните кои извикуваа „Амен“. На крајот на говорот Ердоган му се заблагодари на Бога што му овозможил да ѝ служи на Турција, односно како што рече „на оваа голема нација“.   

Воени ветерани на еден од настаните 

Низ цела Турција, денес се одржуваат церемонии, маршеви и комеморативни настани за да се одбележи овој настан, при што граѓаните се собираат за да им оддадат почит на жртвите направени пред девет години. Денот служи како потсетник за посветеноста на нацијата да ја заштити својата демократија и суверенитет.