И по овие изборни измени – треба да има изборни измени!
Партиите се погрижија да им останат парите, па и да им се зголемат, а независните повторно извисија околу бројот на потписите
ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја спречи амандманската блокада на измените на Изборниот законик, но мал е оптимизмот дека ќе успее да го разубеди СДСМ кој подготви илјадници амандмани и најави филибастеринг. Досега се одржаа две средби на кординаторите на пратеничките групи зад затворени врати, а најголем камен на сопнување остануваат измените за гласањето на дијаспората кое отсега треба да биде електронски. Нов состанок е закажан за утре.
Ако се прочитаат предлог измените собрани во 50 члена , впечаток е дека се прават токму за да се внесе електронското гласање на дијаспората, иако тоа како барање нема таков приоритет, па не се ни споменува во препораките на ОБСЕ и ОДИХР. ВМРО-ДПМНЕ и Вреди не се откажуваат од овој дел, но СДСМ смета дека не се прецизирани начините како ќе се спречат злоупотреби и како ќе се гарантира идентификувањето на гласачите, бидејќи нема доволно механизми за контрола. Иако дијаспората своето право на глас ќе може да го оствари преку електронскиот систем инсталиран од Државната изборна комисија, СДСМ смета дека не е обезбеден начин како ќе се утврди дека пред уредот навистина се наоѓа пријавениот избирач и дали некој друг влијае на неговиот избор. ЛДП не е против електронското гласање, но исто така смета декаелектронското гласање треба да се воведе за сите гласачи, а не да важи само за гласачи од дијаспората, бидејќи се прави дискриминација на гласачите.
Практично, електронското гласање на дијаспората личи на мамка зад која се крие фактот дека и по овие измени – треба да има изборни измени, бидејќи нема да се опфатат некои клучни прашања, како тоа за отворените листи, за една изборна единица и, што е најважно, за изборниот праг за независните кандидати, нешто што ја стави под знак прашалник демократичноста на последните избори, заедно со фактот – треба ли да има или не државно финансирање на политичкото рекламирање, покрај тоа како ќе се распредели? Практично, голем број земји во Европа тоа го забрануваат во моментов и трендот е во насока на бесплатбното преставување.
Она што паѓа во очи, притоа, дека партиите се погрижиле и овојпат да си ги задржат парите, па и да ги зголемат донациите од физички и правни лица – од 3.000 евра на 6.000 за физички лица, и од 30.000 на 50.000 евра за правни лица, иако и досега беа меѓу највисоките во Европа во однос на приходите. За споредва во европските земји партиите или се финансирани од државата или од донации, но многу ретко и од едниот и од другиот извор. Уште повеќе, од предлог измените произлегува дека ако независните кандидати имаат вишок пари од донации треба да ги уплатат во добротворни организации, а политичките партии кои досега ги уплаќаа во државениот буџет – сега ќе можат да си ги префрлат на редовните партиски сметки.
Што всушност се предлага со новите изборни измени?м Највидливата измена е предлогот Левица (и партиите како неа, што имаат пратеници а немаат пратеничка група) да добие пари и рамноправен пристап за политичко рекламирање, иако сугестиите на ОДИХР и ОБСЕ се да нема политичко рекламирање воопшто. Па, така, се предлага најголемите две партии од власта и најголемите две партии од опозицијата да добиваат по 42 отсто од парите, другите партии што имаат пратеничка група 8 отсто, тие без пратеничка група 5 отсто, а незастапените во парламентот – до 3 отсто. На тој начин ВМРО-ДПМНЕ сака да го неутрализира противењето на Левица, која сега најавува блокада со амандмани исто како СДСМ. Од ЛДП, пак, сметаат дека е недозволиво големите партии и натаму да добиваат несразмерно повеќе државни пари од останатите и лавовскиот дел всушност да заврши кај нив, без шанси другите да бидат конкурентни на изборите. Лидерот на Левица Димитар Апасиев исто така порача дека останува на ставот дека државното финансирање на изборните кампањи мора да важи „еднакво за сите политички субјекти или воопшто да не постои“.
За изборниот праг пак за учество на независните на изборите останува контроверзното решение за 0,8 отсто собрани потписи од запишаните гласачи во канцелариите на ДИК, иако одлуката да се најде решение за нивно поголемо учество е една од клучните препораки на ОДИХР.
Околу проблемот со пријавување на многу медиуми во Државната изборна комисија (ДИК), односно за појавата непосредно пред избори да никнуваат портали само за да земат пари, од кои некои и со исти или странски адреси, предлогот е за политичко рекламирање да можат да се пријават само порталите кои постојат најмалку 18 месеци пред изборите, кои имаат јавен импресум и кои се со домејн „мк“, при што еден сопственик не ќе може да пријави десетина како досега – туку само еден од нив!
генерално , во предлогот законот стои дека тој е донесен во широк, инклузивен и транспарентен процес, иако за него се дискутираше од партиски преставници зад затворени врати, а работата ја бојкотираше СДСМ. Зад него, уште повеќе, стојат пратеници како предлагачи место експерти или Министерството за правда. Во него се посочува дека единствена финансиска импликација ќе биде обезбедувањето софтвер за електронско гласање на дијаспората, кое ќе го организира, спроведува и контролира ДИК и за него ќе има посебен избирачки список и посебен извештај од гласање. Во законот стои дека ДИК ќе го надгледува системот, па и ќе направи јавна проба пред изборите, дека ќе обезбеди електронска идентификација на гласачите, тајност на личните податоци и за кого гласале , ќе спречи повеќекратно гласање, ќе обезбеди независна техничка, безбедносна и правна проверка, како и услови за набљудување на гласањето. Ќе се гласа само со важечка патна исправа или лична карта, а идентификацијата покрај овие два документа ќе се прави и со проверка на телефон и електронска адреса и, ако има услови, со електронски потпис.
Околу забелешките за злоупотреба на државните ресурси и препораките на ОДИХР околу нив, внесени се попрецизни одредби околу тоа кои активности на службени лица ќе бидат забранети по распишувањето на изборите и кои државни објекти не можат да бидат користени (досега често и без надомест) за партиски и предизборни активности, како спортски сали, училишта и слично. Така, не ќе може да се прави или гради ништо што се финансира со државни пари ако веќе не е почнато однапред ( па ни канализации), нема да може да се исплаќаат субвенции, дополнителни еднократни пензии, плати или социјална помош, не ќе може да се отуѓува државен капитал или да се потпишуваат колективни договор. Дваесет дена пред избори ќе бидат забранети јавни настани зад кои стојат државни пари или институции, Министерството за финансии ќе мора јавно да ги објави сите исплати во тој период и не ќе можат да се користат за политички активности ни социјалните профили и мрежите од страна на државните фрункционери.
Главна улога околу приговорите за нерегуларности во кампањата ќе имаат ДИК , ДКСК и Државниот завод за ревизија, а приговори ќе можат да поднесуваат и набљудувачи, а не само овластени лица. Рокот за приговори ќе се продолжи по препорака на ОДИХР, но ќе се скрати рокот за носење одлуки, на 15 од 30 дена, по што ќе мора да покренат пријава кај јавен обвинител ако се утврди нерегуларност. Управниот суд ќе треба да пресуди за приговорите за 48 часа.
Отсега партиите ќе мораат да поднесуваат финансиски извештаи за трошоците во кампањата 15 дена по затворањето на сметките и, што е поважно, образецот ќе биде ист за сите – а не како досега кога сите поднесуваа различни извештаи, главно непоткрепени со документи и нејасни. Образецот ќе го утврди Министерството за финансии врз основа на предлогот на ДКСК и Државниот завод за ревизија.
Голем дел од измените се однесуваат за првпат на регулација на политичката кампања во онлајн просторот при што изричито се забранува ширење говор на омраза, поттикнување насилство, нетолеранција, дискриминација, ширење дезинформации и, што е најважно – организирано користење на армијата ботови и тролови за политички птресметки со лажни вести и спинови. Високи казни се предвидени за сите медиуми за непочитување на правилата околу изборите, а мониторинг над електронските ќе врши исто така АВМУ.
Иборниот законик е еден од петте закони кој, според новиот собраниски Деловник може да биде блокиран, односно за него нема временско ограничување на дискусијата. Ова значи дека опозицијата може да поднесе многу амандмани, бескрано да дискутира, да молчи со часови… за законот никогаш да не помине.