И официјaлно МОБ стана НОБ


На официјалната фејсбук страница на Македонската опера и балет од вчера е променето името во Национална опера и балет.

На фејсбук-страницата е објавено и новото лого на кое е испишано новото име на националната установа Национална опера и балет.

Владата на седница донесе одлука да ги задолжи сите институции да извршат промена на јавните табли на своите влезови во однос на името на државата, согласно амандманите 33, 34, 35 и 36 од Уставот, Уставниот закон за спроведување на амандманите и Законот за употреба на јазиците.

Одлуката, како што соопшти владината прес-служба, е донесена по предлог на Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.

Владата на седницата ги задолжи институциите да извршат и проверка дали се променети сите дигитални записи (логоа, меморандуми, електронски комуниказии, веб-странци, медиуми,…), како и меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, согласно заклучоците број 4 и број 5 од 120. седница, и во рок од седум дена до Меѓуресорска работна група да достават збирен извештај дали е извршена бараната измена и до кој степен.

Со листата се опфатени вкупно 136 институции.