И натаму без договор за платите во јавниот сектор

Од Владата соопштија дека било договорено да продолжат преговорите во помала работна група која ќе работи зачестено, додека од синдикатите велат дека нивниот предлог е основа за зголемување на платите да биде стапката на инфлацијата


Синдикатите и Владата не постигнаа договор околу зголемувањето на платите во јавниот сектор и по денешната седница на Економско – социјалниот совет (ЕСС). Од Владата соопштија дека било договорено да продолжат преговорите во помала работна група составена од членовите на ЕСС која ќе работи зачестено, додека од синдикатите велат дека нивниот предлог е основа за зголемување на платите да биде стапката на инфлацијата.

„Тоа што ние предложивме е инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор, од најниската категорија на работно место до највисоката, претседател на државата, и сите да добиеме процентуално зголемување на платите“, изјави по седницата на ЕСС, Слободан Трендафилов, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Тој рече дека станува збор за нијанси, меѓутоа тие нијанси се големи за да се постигне решение. Сепак, како што  додаде, има поместување од „мртва точка“ од страна на Владата и Министерството за финансии во поглед на нивните предлози и забелешки. 

Според претставниците на синдикатите денеска на Економско-социјалниот совет не е постигнат договор со Владата за методологијата за усогласување на платите. Предлогот на синдикатите е инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор и сите да добијат процентуално зголемување на платите. Синдикатите бараат и враќање на платите на функционерите, а зголемувањето да биде исто за сите.

Претходно, претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) Марјан Ристески, изјави дека методологијата на Владата за покачување на платите од 5,3 проценти е неприфатлива.

„Владата даде некоја методологија, покачување на 5,3 проценти на платите, се надевам за сите синдикати да не е прифатливо. Македонскиот работник го интересира да кажат колку сега во моментов ќе му се покачи плата. Тоа што се предлага за 2025 или за 2028 година, до тогаш можеби 30 отсто од тие ќе одат во пензија, другите ќе ја напуштат државата, за кого ќе важи оваа методологија“, изјави Ристески пред почетокот на седницата на Економско-социјалниот совет што се одржува во Владата.

Од Владата пак, во соопштение до медиумите велат дека на седницата на ЕСС, со која претседавала министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, биле презентирани нови симулации согласно претходно предложениот пораст на плати од страна на претставници на синдикатите.

По дадените предлози, како што информираат од МТСП, беше отворена конструктивна дискусија меѓу присутните. Социјалните партнери се договорија понатамошните преговори за Методологијата за пораст на платите во јавниот сектор да се одвива во помала работна група составена од членовите на ЕСС која ќе работи зачестено, а ќе излезе со предлози до следната седница на ЕСС.

Целта на Владата, велат од Министерството за труд и социјална политика, е креирање праведен и одржлив систем од кој секој добива и воспоставување на методологија иста за сите вработени во јавниот сектор.

На претходната седница беше презентирана Методологијата за раст на платите во јавниот сектор со која се предлага нов транзициски период од 2023 – 2025 година, односно зголемување на платите во период од 2,5 години.

На Седницата денеска беа присутни Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, Размена Чекиќ – Дуровиќ, државна секретарка на Министерството за економија, претставници на синдикатите – членови на економско-социјалниот совет, нерепрезеентативните синдикати и претставници на институциите.

Инаку, дел од синдикатите за утре најавија протест. На таа тема беше и состанокот на министерката Тренчевска со претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Дејановски како и со дел од вработените во Центрите за социјална работа. Фокусот на разговорите, како што се вели во соопштението до медиумите, беше во насока на барањата за покачување на платите на вработените, регресот за годишен одмор како и бенефицираниот стаж.

Тренчевска на средбата посочи дека синдикатот е веќе информиран дека за барањата кои повторно се тема на дијалог, односно покачувањето на платата и регресот се веќе прашања на кои се работи. Таа истакна дека со измена на законот во основната плата ќе влезе и минималната плата, додека пак во однос на прашањето за регресот за годишен одмор веќе е дискутирано дека оваа година ќе има исплата, соопштија од Министерствот за труд и социјални работи.

Тренчевска информирала и за работата на Проектот за администрирање на социјалното осигурување каде што е предвидено во рамки проектот да се изготви решение за бенефицираниот стаж и дека и тоа треба да биде реализирано. Таа посочила дека протестите се легитимно право, но дека предизвиците се решаваат само преку дијалог.