И на Гаши му го кажале истото во Софија: Треба да се направат уставните измени
Гаши се сретнал со претседателката на бугарското собрание, Михаела Доцова
Претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, денеска во Софија го слушна истото што бугарските претставници им го кажуваат на македонските: Македонија мора да го спроведе европскиот консензус од 2022 година за да продолжи по својот европски пат. Преговарачката рамка не може да се отвора, потребно е да се направат уставни измени и да се внесат Бугарите во уставот.
Ова го изјави претседателката на бугарското собрание, Михаела Доцова, по средбата со Гаши, во рамките на 13. пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Како што пренесуваат бугарските медиуми, Доцова ја изразила загриженоста на Софија во врска со опожарувањето на дипломатските автомобили на бугарската амбасада и инсистирала на „фер казна за сторителот“.
Гаши ја поканил Доцова и парламентарна делегација да го посетат Македонија.
Во својот говор на конференцијата Гаши истакна дека Македонија останува цврсто посветена на европските вредности.
„Во време на сериозни геополитички предизвици, кога Европа се соочува со нови безбедносни, економски и социјални предизвици, Југоисточна Европа има обврска да покаже политичка зрелост, визија и одговорност. Нашите граѓани очекуваат стабилност, развој и европска иднина, а наша задача е да ги исполниме тие очекувања преку дијалог и соработка“, рече Гаши како што пренесува собраниската прес-служба.
Тој нагласи дека како држава сме посветени на негување на добрососедските односи и нагласил дека европската интеграција не е само политичка цел за земјата. „Таа е стратешка определба која е поддржана од генерации на граѓани повеќе од три децении. Нашата земја помина исклучително тежок и комплексен пат. Донесовме тешки одлуки, направивме историски компромиси и покажавме подготвеност за решавање на отворените прашања со нашите соседи, секогаш водени од визијата за заедничка европска иднина. Тоа беше пат исполнет со надеж, но и со разочарувања. Наспроти исполнетите критериуми и позитивните оценки од европските институции, процесот честопати беше изложен на билатерални условувања кои создадоа чувство на неправда меѓу нашите граѓани“, рече Гаши.
И додаде: „Очекуваме процесот на пристапување да биде предвидлив, фер и базиран на европски критериуми. Секое понатамошно одложување – не само што ги ослабува кандидатите, туку и ја намалува довербата во самиот европски проект“.