Мицкоски и Филипче го осудија обидот за атентат врз Трамп
Премиерот Христијан Мицкоски го осуди обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија.
– Во овие моменти на тага, шок и загриженост на американскиот народ, како претседател на Владата, упатувам изрази на најголема осуда за кукавичкиот обид за атентат врз претседателот Доналд Трамп. Истовремено, на претседателот Трамп и на повредените граѓани им посакувам побрзо опоравување и заздравување. Нашите мисли и молитви се со претседателот Трамп, со неговото семејство и со американскиот народ, наведува Мицкоски во објавата на Фејсбук.
И Претседателот на СДСМ, Венко Филипче го осуди насилството и обидот за атентат врз поранешниот претседател на САД, Донал Трамп.
-Со големо жалење и длабока загриженост ја примив веста за обидот за атентат на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп. Го осудувам секој обид за насилство, ваквите акти на насилство немаат место во цивилизираното општество и претставуваат сериозен напад врз демократските вредности и владеењето на правото.
Во овие тешки моменти на поранешниот претседател на САД, Трамп му испраќам искрени желби за брзо опоравување. Сочуство до семејствата и на другите настрадани, наведува претседателот на СДСМ, Венко Филипче.