И Каракачанов против „политиката на спуштени гаќи“ на Софија, не гледа причина за неформална средба со Силјановска
Ексминистерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, се осврна критички на бугарските власти во однос на најавената посета на претседателката Гордана Силјановска-Давкова на Софија, каде ќе ја проследи изведбата на операта „Набуко“ на Националната опера и балет заедно со бугарскиот претседател Румен Радев при што нејзиниот престој во бугарската престолнина неофицијално треба да биде искористен и за прва средба меѓу двајцата претседатели.Потврда дека тоа ќе се случи сепак нема ни од македонска ни од бугарска страна, а во една таква можна приликаво Рим, Радев и Силјановска наводно „немаа време“ за билатералка.
„Силјановска во петок ќе допатува во Бугарија, придружувана од министерот за култура на нашиот западен сосед. Таа доаѓа во операта во Софија и можеби ќе се сретне со претседателот Радев. Што значи ова? Тоа значи дека Силјановска во Бугарија доаѓа не во официјална посета, туку како вљубеник во оперската уметност и, патем, ќе се сретне со некои официјални лица. Ова е обид за бегство од официјални разговори. Тоа исто така значи дека Северна Македонија продолжува да смета дека ништо не зависи од одлуките на Бугарија и може да продолжи да ја ескалира својата антибугарска реторика, потпирајќи се на надворешни фактори кои одлучуваат за Бугарија. Донекаде се во право, ја набљудуваат безрбетната и понижувачка политика на „случајните лица“ кои владеат со Бугарија во последните 3 години и тоа што не ни ја одредува бугарската влада, туку „амбасадите“, напиша д-р Каракачанов на својот профил на Фејбук.
Тој потсетува дека откако беше избрана во мај 2024 година, Силјановска постојано „ги занемарува нормалните односи со Бугарија, наведувајќи дека во Договорот за пријателство и добрососедство меѓу РСМ и Бугарија никаде не пишува дека треба да го сменат својот устав за во него да ги вклучи Бугарите. Таа дури и во своите јавни настапи вели дека ќе го потсети претседателот Радев дека договорите не се вечни“.
„ Нејзиниот шеф Мицкоски отворено ги саботира односите со Бугарија, дури и одби да разговара со бугарската влада бидејќи била техничка. Тој отворено се спротивставува на изградбата на Коридорот 8, бидејќи приоритет на македонската влада беше да има врска со Белград и Солун“ – нагласува Каракачанов.
Претседателот на бугарското ВМРО во продолжение на објавата упати прашање до официјалните институции во Бугарија до кога ќе толерираат таков став.
„Би требало официјална Софија да ја запрее политиката на спуштени гаќи и понижувачко ропство што ни е наметната однадвор и цврсто да ги постави прашањата за почитување на договорот потпишан со Скопје од 2017 година. Бугарија не треба да отстапи од барањата за стопирање на јазикот на омразата и прогонот на Бугарите во Република Северна Македонија, како и признавањето на Бугарите како конститутивен народ во РСМ“ – категоричен е и Каракачанов и додава дека сè друго е бесмислено.
Каракачанов смета дека нема потреба од вакви забави во операта односно од најавеното заедничко гледање на операта „Набуко“ со која гостува Националната опера и балет во Софија.
„ Ако претседателот и владата сакаат нешто да се смени во нашите билатерални односи нека ја остават љубителката на операта Силјановска сама да ја изгледа претставата, да касне сендвич за време на паузата и да си оди. А, ако сака да преговара со Бугарија, следниот пат нека дојде во официјална посета со конкретна агенда за разговори, а не да ни протуркува ориентални трикови во стилот на ексјугословенска политика на Белград“, порача Каракачанов .