И Груевски ја честиташе победата: „Со среќа и со ум“
Од Будимпешта се јави и избеганиот поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ за да ја честита големата победа на неговата партија на парламентарните и претседателските избори.
„Вчера, иако со поголемо задоцнување, убедливото мнозинство народ жестоко ги казни и порази политиките на СДСМ кои ги постави Зоран Заев, а ги следеа неговите слепи послушници.
Политики полни со национални предавства, криминали, длабока корупција и лично богатење на грбот на граѓаните, секојдневни лаги и манипулации, злоупотреби, политички прогони на неистомислениците, не функционалност на државните институции и нивно ставање во лична полза, како и неспособност од големи размери“, напиша тој на Фејсбук.
Според него, тоа биле политики „кои Македонија ја уназадија во секој поглед, неповратно иселија огромен број граѓани и ја доведоа земјата во позиција на потчинетост пред негаторите на нацијата и на македонскиот идентитет, јазик, историја, име, националност и посебност“.
Тој наведува дека за партијата тоа е „голема обврска пред народот, и големи очекувања и надеж кај нив, кои не смее да се изневерат“.
Честитката за завршува со зборовите: „Со среќа. И со ум“.
Оваа победа на Христијан Мицкоски веројатно ги става ад акта сите можни нагаѓања за евентуалното враќање на Груевски на чело на партијата, кога и да биде тоа.