И годинава ќе има училишна кошничка, одлука ќе се носи во вторник


Следниов вторник, Владата на седница ќе донесе одлука за намалување на цените на училишните материојали, односно, она што родителите треба да го купат на почетокот на учебната година за своите ученици.

Ранци, тетратки, моливи, гуми, линијари, лепила, маркери, прибори за ликовно, за техничко образование, блокови се дел од потребните реквизите потребни на секој ученик, а товарот за нивно купување паѓа на родителите, иако државата бесплатно дели учебници, додека некои општини делат и таблети и униформи, додека за првачињата некои делат и ранчиња со прибор.

– Да, ќе има и во вторник на владина седница ќе донесеме одлука – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали и годинава како изминатите две ќе има училишна кошничка.

Денеска пак, како што јавија неколку медиуми, Министерството за економија ќе одлучува дали и годинава ќе има мерки со „училишната кошничка“, како што беше случај минатите две години. Целта на таа мерка е да им помогне на родителите, чии трошоци за учениците од година на година значително се зголемуваат поради долготрајната инфлација.

За да се донесе одлуката од министерството ќе се состанат со трговците на училишен прибор за да разговараат за цените и активностите што може да се преземат за заштита на куповната моќ на населението.

Министерката за образование, Весна Јаневска, пак, вчера рече дека за носење таква мерка е надлежно единствено Министерството за економија.

„Тоа е мерка која треба да ја предложи Министерството за економија. Сигурна сум дека тие водат сметка за сѐ што треба да се направи и доколку има такво нешто навреме ќе бидат информирани родителите“, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Секоја нова учебна година претставува дополнителен финансиски трошок на родителите, особено на тие кои имаат првачиња, затоа што треба да се купи ранец, училишен комплет, тетратки, прибор и блокови за боење, обувки итн.

Високата инфлација со која што веќе долго време се соочуваме беше причина минатити две години владата да интервенира со мерката „училишна кошничка“, која траеше до 15 септември. Трговците продаваа училишен прибор со ограничени маржи и по цени пониски за барем 10 отсто. Таа мерка, според владините пресметки, придонела секое семејство со двајца ученици да заштеди околу 3.000 денари.

Откако со години беа непроменети, цените на услугите за предучилишно и основно образование во февруари годинава првпат се покачија и сега овие услуги се поскапи за дури 30 отсто, пресметува „Телма“.

Сојузот на синдикати на Македонија, пак пресмета дека кај едно четиричлено семејство со двајца ученици месечните трошоци за образование на децата претставуваат 10,5 отсот од вкупните расходи, што значи семејството секој месец одвојува по околу 7.200 денари за редовните потреби на образовниот процес.

За да се намали финансискиот товар на родителите, некои општини како Кисела Вода, Центар и Карпош даваат бесплатно ранче и училишен прибор. Истото го нуди и Ѓорче Петров, но таму за првачињата има и по 3.000 денари и бесплатна ужинка. Центар дава и училишни униформи, како и Аеродром,м каде за првачињата се дава и помош од 3.500 денари. Финансиска поддршка во различен износ обезбедуваат и други општини во внатрешноста на земјата, а најдарежлива е општина Тетово, чии првачиња годинава ќе добијат по 100 евра.(Б.Б.)