И евроскептична Данска бара преговори со Македонија
Данскиот министер за надворешни работи, Јапе Кофид, на заедничка прес конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи, порача дека во процесот на евроинтеграција Македонија направила импресивни реформи и дека Данска е наш поддржувач во напорите да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ.
-Цврсто застануваме зад Северна Македонија и ги поддржуваме реформите што ги презеде изминатите години. Сметаме дека земјата е подготвена да ги почне преговорите за членство со ЕУ. Ние ќе се залагаме за тоа и се надеваме дека разговорите со Бугарија ќе дадат резултат. За нас е многу јасно дека сте подготвени. Се надевам дека до крајот на оваа година ќе почнат преговорите и дека за тоа ќе се согласат сите земји членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, рече Кофид.
-Јас сум по природа оптимист, иако контекстот не е во прилог на ваквата одлука наредните месеци бидејќи Бугарија оди кон трети избори. Не ќе биде така лесно да се стигне до решение. Силната поддршка од Данска и констатацијата на министерот дека земјата заслужува почнување преговори со ЕУ се силни пораки кои не охрабруваат и ни даваат оптимизам дека земјата е на прав пат, дополни министерот Османи.
Европското досие на Македонија била главна тема на денешната средба на двата министри во Скопје, при што Османи забележа дека Данска важи за малку евроскептична, но не е така, туку цврсто инсистира на исполнување на условите, што е во наш интерес. Тој порача дека во Данска гледа сериозен партнер и искрен пријател.
Министерот Кофид се заблагодари за приемот на авганистанските бегалци во нашата држава и за подготвеноста на нашата земја да помогне околу кризата, при што соопшти дека Данска самата веќе примила 800 од тие што беа извлечени од Авганистан. Тој напомена исто така дека Данска донираше милион вакцини против Ковид 19 во регионот, од кои 250.000 само за Македонија со цел да ја покаже својата солидарност со нас. Генерално двајцата министри соопштија дека разговарале за зајакнување на билатералните односи преку соработка во трговијата, околу климатските промени, зелената енергија и можните мигрантски кризи наредните месеци.