И Ерменија се приклучи на земјите кои би го уапсиле Путин


Парламентот на Ерменија

 

Уште една постсоветска земја, дел од воениот блок на Кремљ, им се придружи на државите од кои ќе се бара да го уапсат рускиот претседател Владимир Путин по налог издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Во петокот, на 24 март, Уставниот суд на Ерменија ја одобри ратификацијата од страна на парламентот на Римскиот статут, главниот документ според кој работи МКС.

Како што пресуди Уставниот суд, обврските содржани во Римскиот статут не се во спротивност со Уставот на Ерменија. Одлуката е конечна и влегува во сила од моментот на објавување.

Повеќе од 120 земји, вклучително и оние во ЗНД, се членки на МКС и ја признаваат неговата јурисдикција – вклучително и должноста да се приведуваат лица за кои судот има издадено налози за апсење.

Меѓу нив е и Јужна Африка, каде Путин беше поканет на самитот на БРИКС закажан за август. Одлуката за патувањето на рускиот претседател во Јужна Африка „се уште не е донесена“, изјави во петокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Претходно, тој го нарече налогот на МКС „правно неважечки“ и нагласи дека Русија не ја признава одлуката на судот.

На 22 март бразилските власти предупредија за можно апсење на Путин во случај на посета. Министерот за надворешни работи Мауро Виеира рече дека рускиот претседател „несомнено се соочува со последици“ доколку планира да ја посети земјата.

Бразил „е земја членка на Меѓународниот кривичен суд и ги следи неговите одлуки“, нагласи Виера, додавајќи дека налогот за апсење на Путин „треба да се разгледува во контекст на воспоставената практика“.

Кремљ сѐ уште не знае како да се справи со налогот од Хаг, кој беше целосно изненадување за руското раководство, изјавија за медиумот „Медуза“ извори блиски до претседателската администрација.

„Дури и ЗНД повеќе не е безбеден простор [за Путин]“, се жали еден од нив. Кремљ е уверен дека може да се погрижи работите да не дојдат до апсење на Путин: претседателот едноставно нема да оди во земји каде што постои таков ризик, велат изворите на „Медуза“. Но, ова го стеснува и онака малиот простор на меѓународните контакти на Путин и ја прекинува агендата на државната пропаганда, која имала намера да го прикаже претседателот како „борец против Западот“, „бранител на Африка од колонијалното угнетување“ и „еден од лидерите на мултиполарниот свет“.