И Димитров се оградува од одговорноста за скандалот со Миленкоски


Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, на својот фејсбук профил вечерва објави информации во врска со приведениот дипломат.

„За разјаснување на дипломатскиот скандал и во интерес на точно информирање на јавноста, укажувам на следниве факти и информации за односниот дипломат. Тој бил испратен во Мисијата на ОБСЕ во Виена во 2015 година, кога со МНР раководи друг министер. Неговото барање за продолжување на мандатот е одбиено од моја страна“, вели Димитров.

Во 2019 година, пишува Димитров, во МНР се добиени првите индиции дека ќе се води истрага за постапки на односните вработени, меѓу кои и за овој дипломат. Но, посочува, во тоа време немаше никаква информација за потерница и секако немаше пресуда.

„Сепак, МНР имајќи ја предвид истрагата и токму врз основа на овие индиции, не дозволи овие лица да бидат упатени на служба во странство. МНР за најавената истрага написмено ги информираше безбедносните служби, кои меѓу другото се надлежни и за безбедносни сертификати и проверки“, вели Димитров.

Согласно Законот, додава тој, на дипломати во МНР не може да им биде поништена дипломатска патна исправа, освен при одземање на безбедносен сертификат што е во надлежност на друга институција, односно престанок на работниот однос.

„Потерницата од Интерпол е распишана во февруари 2020 година, долг период по враќањето на дипломатот од Виена и за тоа не е доставена информација до МНР во времето додека бев таму на должност. Како и зошто сега бил упатен на служба токму тој дипломат и тоа во Мисијата при ОБСЕ, немам информации“, наведува Димитров на Фејсбук.

Од изнесениве факти, нагласува тој, јасно се гледа дека за време на мојата должност во МНР, службите постапиле законски и во рамки на своите надлежности.

„Меѓу другото, токму јас го имам искористено дискреционото право да не го испратам овој дипломат на служба, имајќи ја предвид неизвесноста околу истрагата“, пишува вицепремиерот Димитров.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи, Антонијо Милошоски, преку Фејсбук обвини дека е невозможно сегашниот и претходниот министер за надворешни работи, Бујар Османи и Никола Димитров, да не биле запознаени со случајот.

„Министерот за надворешни работи Османи неуверливо тврди дека до пред 27 август (кога во Србија е уапсен дипломат баран со црвена Интерпол потерница) не знаел за ‘ерменскиот дипломатски рекет’ на Миленкоски. Македонскиот дипломат за оваа акција веројатно добивал насоки од повисоки безбедносни функционери, па во 2018 година учествувал во нелегално пренесување на бившиот ерменски амбасадор Левон Саркисјан од Ереван до Виена, во замена за голема сума пари. МНР Османи не можел да не знае за аферата на Миленкоски, бидејќи за скандалот бил известен поранешниот министер Димитров, а сите министри, особено тие кои се во иста влада, за време на примопредавањето на должноста се обврзани да ги разменат најбитните информации за министерството“, пишува Милошоски.

Тој додава дека за аферата знаел и поранешниот државен секретар во МНР, а сегашен директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски.

„Делови за аферата на Миленкоски, подоцна дознале уште неколку раководни лица во самото МНР, меѓу кои и Љуфтим Спахиу, Јакуп Реџепи, Зоран Попов и други дипломати кои на дневна основа имаат контакт со министерот. За скандалот, преку МНР и преку Интерпол, известени биле и Спасовски и Заев, а МВР дури спровело и истрага за оваа афера во МНР“, пишува Милошоски.

Тој оди чекор понатаму и посочува на ургенции од премиерот Зоран Заев за избор на Миленковски за заменик-амбасадор на Северна Македонија во ОБСЕ, Виена, иако првично комисијата во МНР избрала друг дипломат за таа позиција.ошоски тврди дека Димовски бил близок пријател со Миленкоски.