И денес конвој македонски стопанственици на вакцинирање во Ниш
Започна вториот ден од акцијата за имунизација на македонските стопанственици, која ја организира Стопанската комора на Северна Македонија.
Според информациите на дежурните екипи на граничниот премин Табановце, протокот на возила се одвива со континуирана динамика преку 6 коловозни ленти, а процесот на вакцинација во Ниш е започнат навремено. За стопанствениците пријавени преку Стопанската комора на Северна Македонија, а во организација и со поддршка на Стопанската комора на Србија и колегите во Регионалната комора во Ниш, процесот се одвива на посебно договорени пунктови, без застој.

Се очекува исто како и вчера, повеќе од 1.000 македонски стопанственици да бидат вакцинирани во рамки на акцијата која на организираше Стопанската комора на Северна Македонија заедно со Стопанската комора на Србија, во рамките на Коморскиот инвестициски форум.
-Како една од трите институции на подрачјето на Западен Балкан, која се обидува да ја подигне размената и да ги елиминира бариерите во економската соработка помеѓу шесте земји од Балканот, ја организиравме оваа заедничка акција за имунизација на бизнисмени од регионот, која е во интерес на одржување на бизнисите и работните места, појаснува Бранко Азески,инаку, ко-претседател на Форумот.
Одобрена е квота од 10.000 вакцини, од кои, викендов ќе бидат искористени 7. 500.
-Со ова што го направивме, ја потврдивмеа тезата дека бизнисот не признава граници и во секоја ситуација ја изразува својата кооперативност. Вакцинацијата се одвива во најголем ред и со пичитување на најстроги безбедносни критериуми. Ова е една од поголемите практичнаи активности во рамките на Берлинскиот процес, но и прва од аспект на иницијативата на владите на Србија, Македонија и Албанија за регионално поврзување именувано како мини Шенген, додава Бранко Азески.