И Данела Арсовска ќе биде носител во Првата изборна единица
Во Првата изборна единица станува многу густо.
И скопската градоначалничка, Данаела Арсовска, денеска објави дека ќе ја води листата на неодамна преземената партија Нова алтернатива на парламентарните избори. Ова денеска во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24 го најави самата посочувајќи дека партијата на претстојните парламентарни претседателски избори ќе настапи со, како што рече, сите капацитети што ги има партијата.
„Тој дуел што ќе биде во изборна единица еден треба граѓаните да го очекуваат со нетрпение“, рече таа во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.
Според неа, Нова алтернатива функционира и се консолидира, а најави и дека носителите на изборните единици ќе бидат објавени наскоро.
„Органите на партијата си заседаваат, разговараат за најгорливите прашања што ги засегаат граѓаните. Во овој момент се движиме по комитетите да видиме какво е расположението на терен меѓу граѓаните. Од она што го гледаме засега е дека граѓаните се разочарани од овие политички елити, кои ги лажат 30 години. Гласот на граѓаните е нешто што е најреално и најискрено и така се добива вистинското сознание за состојбата. Тоа го знаеме и од тоа што го отворивме телефонскиот број за поплаки на граѓаните на Град Скопје. Имаме над десетина илјади предлози, поплаки. Не е секогаш пријатно да слушнете критики, но тоа е единствениот начин да се поправите“, рече таа.
Нова алтернатива има големи амбиции и ќе настапи со свои листи во сите шест изборни единици. Сѐ уште не се знае дали партијата ќе има свој кандидат за претседател на државата.
„Сакаме да им покажеме на граѓаните дека може поинаку и подобро да се работи, дека може одговорно и чесно да се работи. Дека ќе се обиде да си го реализира и да си стои на зборот на она што го ветил. Освен ако не е опстриуран од овие политиканти“, нагласи Арсовска.
Освен неа уште тројца партиски лидери најавија дека ќе ги водат листите во Првата изборна единици: претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и првиот човек на Левица, Димитар Апасиев.