И Бугарија му даде дозвола за прелет на Лавров


Дипломатското овластување за прелет е од привремен карактер и важи 3 часа пред и 72 часа по назначениот датум. Детали за датумите од временската рамка не се објавени.

Дадената дозвола се однесува на учество на состанокот на Советот на министри на ОБСЕ во Скопје на министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров и спаѓа во исклучоците од примената на режимот на санкции на ЕУ против него.

Дадената дозвола не се однесува на членовите на неговата делегација, кои исто така се санкционирани лица, според важечкиот закон на ЕУ, што е експлицитно наведено во одговорот на бугарската страна.

Состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ ќе биде одржан во Скопје на 30 ноември и 1 декември. Најавено е во Скопје да допатува и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, но засега не е предвидена средба со  Лавров. Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, изјави дека Вашингтон не побарал средба, „нема да ја побараат и нема да има средба“, пренесњ агенцијата ТАСС.

Некои министри на ЕУ од Балтикот, како и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба поради дадената дозвола за Лавров би можеле да одбијат да присуствуваат на состанокот во Скопје,што за Османи како домаќин не би била пријатна ситуација.

„Сè уште работиме на тоа да ги донесеме сите во Скопје“, рекол Османи за Политико во Брисел,– додавајќи дека ќе продолжи да се залага за тоа денеска на состанокот на НАТО.