Хутите за 24 часа двапати го нападнале американскиот носач на авиони „Хари Труман“


Јеменските бунтовници Хути во рок од 24 часа двапати го нападнаа американскиот носач на авиони „Хари Труман“ со голем број балистички и крстосувачки ракети и дронови.

Хутите утрово на Телеграм објавија дека нападите ги извршиле како одговор на американските напади врз териториите што ги контролираат во Јемен, вклучувајќи го и главниот град Сана.

Лидерот на Хутите, Абдел Малик ал Хути ги повика Јеменците на масовни протести поради американските напади на 15 март при што загинаа 53 лица, а 98 се повредени.

Хутите се шиитско движење од северен Јемен, поддржано од Иран, кое се бори против меѓународно признаена Влада. Граѓанската војна во Јемен избувна во 2014 година кога Хутите го зазедоа Сана и воспоставија контрола врз северните и западните делови на земјата. Владата признаена од ОН беше протерана од Сана и дејствува од јужниот град Аден. Од крајот на 2023 година Хутите ги засилија нападите врз трговските бродови во Црвено Море во знак на поддршка на Палестинците во конфликтот во Појасот Газа.